Осум католички монахињи биле принудени да го напуштат својот манастир во провинцијата Шанкси на северот на Кина заради повторено вознемирување и заплашување од државните власти.
Монахињите биле под постојан надзор и одлучиле да си заминат откако властите им издале наредба да го отстранат крстот од својот манастир, објавено е на 4 ноември на сајтот bitterwinter.org, кој известува за кршење на правата во Кина.
„Крстот е симболот на спасението. Неговото отстранување би било како отсекување на сопственото месо“, рекла една од чесните сестри. „Да одбиевме да го отстраниме, властите ќе го срушеа манастирот“, додава таа.
Монахињите исто така биле принудени да ги отстранат сите останати верски симболи, вклучувајќи крстови и десетина статуи во манастирот. Една чесна сестра се пожалила дека службениците ја прогласиле за „опасна личност“ и повеќе пати ја малтретирале. „Бараа од нас да запишеме што сме работеле во градинката да откриеме што сме работеле изминатите неколку месеци. Дури сакаа да се сетиме на регистерските ознаки на возилата кои сме ги користеле во текот на нашите патувања“, додава чесната сестра. (…)
Со децении католиците се соочуваат со злоупотреби и прогони во Кина, кои наводно се интензивирани во пресрет на обновувањето на договорот Ватикан и Кина за именувањето на епископите минатиот месец. (…)
Ика/к.мк