Папата Лав XIV ја објави својата молитвена накана за месец мај и ги повика католиците да се молат сите да имаат храна, истакнувајќи дека милиони браќа и сестри и понатаму страдаат од глад, додека големо количество храна се фрла.
Папата Лав XIV ги повика католиците низ целиот свет овој мај да му се придружат во молитвата сите да имаат храна.
Во четврток беше објавено месечното видео „Молете се со Папата“, кое го подготвува Папската светската молитвена мрежа.
Во својата молитва, Папата со тага признава дека милиони браќа и сестри и понатаму страдаат од глад.
Жалејќи што толку многу добра се фрлаат од нашите трпези, папата Лав се помоли Господ да „разбуди во нас нова свест: да научиме да благодариме за секоја храна, да живееме едноставно, да споделуваме со радост и да се грижиме за плодовите на земјата како дар од Тебе, наменет за сите, а не само за неколкумина“.
Тој се помоли Исус да нè направи способни „да ја преобразиме логиката на себичната потрошувачка во култура на солидарност“, преку нашите заедници, промовирајќи конкретни гестови: кампањи за подигање на свеста, банки за храна и трезен и одговорен начин на живот.
„Ти, Кој ни го испрати Твојот возљубен Син Исус, прекршен леб за животот на светот“, моли папата Лав, „дај ни ново срце, гладно за правда и жедно за братство“.
Папата Лав ја завршува молитвата со зборовите: „Никој да не биде исклучен од заедничката трпеза, а Твојот Дух нека нè научи да го гледаме лебот не како предмет за консумирање, туку како знак на заедништво и грижа. Амин.“
Глобален проблем
Според глобалните перспективи на Светската програма за храна за 2026 година, 318 милиони луѓе оваа година ќе се соочат со криза со храна или уште потешка состојба.
Агенцијата предупредува дека конфликтот на Блискиот Исток би можел до средината на оваа година да доведе дополнителни 45 милиони луѓе во состојба на тешка глад.
Во соопштението за медиумите што го придружува видеото, отец Кристобал Фонес, меѓународен директор на Папската светската молитвена мрежа, рече дека наканата е многу важна.
„Оваа накана“, рече тој, „доаѓа од срцето на Папата. Многу епогоден што толку многу луѓе во светот немаат пристап до нешто толку суштинско и човечко како храната. Затоа ги моли сите да не останат рамнодушни, туку да преземат решителни чекори, најнапред со молитва, а потоа со конкретни гестови на солидарност.“
Молете се со Папата
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин.
Господару на созданието,
Ти ни ја даде плодната земја, а со неа и нашиот насушен леб,
како знак на Твојата љубов и промисла.
Денес со тага признаваме
дека милиони браќа и сестри и понатаму страдаат од глад,
додека толку многу добра се фрлаат од нашите трпези.
Разбуди во нас нова свест:
да научиме да благодариме за секоја храна,
да живееме едноставно,
да споделуваме со радост
и да се грижиме за плодовите на земјата како дар од Тебе,
наменет за сите, а не само за неколкумина.
Добри Оче,
направи нè способни да ја преобразиме логиката на себичната потрошувачка
во култура на солидарност.
Нека нашите заедници промовираат конкретни гестови:
кампањи за подигање на свеста, банки за храна
и трезен и одговорен начин на живот.
Ти, Кој ни го испрати Твојот возљубен Син Исус,
прекршен леб за животот на светот,
дај ни ново срце, гладно за правда и жедно за братство.
Никој да не биде исклучен од заедничката трпеза,
а Твојот Дух нека нè научи да го гледаме лебот
не како предмет за консумирање,
туку како знак на заедништво и грижа.
Амин.
к.мк

