Папата: Поставувањето прашања е суштински дел од патот на верата

Папата: Поставувањето прашања е суштински дел од патот на верата

Папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија по повод отворањето на новата академска година на Папските универзитети во Рим, повикувајќи ги студентите и професорите заедно да ја бараат вистината и да ја продлабочуваат верата преку разумот, критичкото размислување и заедничкото учење.

Во проповедта во базиликата „Свети Петар“, Папата нагласи дека почетокот на академската година треба да биде повеќе од враќање на предавањата и истражувањата. Според него, студирањето треба да стане служба на верата и вистината, за добро на самите студенти и професори, но и на луѓето на кои тие ќе им служат.

„Разумот, поставувањето прашања и нивното разгледување во светлината на Божјото Слово и Преданието на Црквата се суштински дел од патот на верата во следењето на Исус Христос“, истакна Папата.

Осврнувајќи се на зборовите на апостол Павле од Посланието до Галатјаните, папата Лав XIV рече дека тие се повик кон разумот, сеќавањето и критичкото размислување. Тој нагласи дека никој не треба да предава, учи или истражува само за себе, туку заедно со другите и во служба на другите.

Папата предупреди и на опасноста од погрешна употреба на религиозното знаење. Тој посочи дека и денес постојат лажни учители кои ја користат верската ревност на луѓето за сопствени цели, нагласувајќи одделни аспекти од учењето на сметка на целината, која е Христос и Неговото Евангелие.

Посебно внимание посвети и на сеќавањето, кое, според него, не се сведува само на собирање и споредување податоци. Тој направи разлика меѓу способноста на алгоритмите брзо да обработуваат информации и човечката способност длабоко да ги проживува искуствата и да ја препознава нивната смисла.

Папата ги охрабри студентите и професорите да го негуваат пријателството во академската средина, нарекувајќи го скапоцен дар. Тој ги повика да го поврзат студирањето со животот, да не се затвораат во академски кругови и да го споделуваат стекнатото знаење со оние кои немале исти можности за образование.

Посебно ја истакна меѓународната природа на папските високообразовни институции во Рим, во кои студираат свештеници, семинаристи, богопосветени лица и лаици од сите континенти.

„Немојте да се задоволите само со тоа да седите едни покрај други. Запознајте се, разговарајте, слушајте се, споделувајте ги вашите искуства од Црквата, молете се заедно и создавајте пријателства што ќе ве придружуваат во текот на целиот живот“, порача Папата.

На крајот, папата Лав XIV ги повика студентите добро да ги искористат годините поминати во Рим, градот во кој апостолите Петар и Павле ја посведочиле својата вера до крај.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот