Можеше да игра на Европското првенство и за најдобрите фудбалски клубови. Тој го избра свештенството
„Убавото е што овој повик се случи на фудбалски стадион“, вели Самуел Пјермарини со смеа. Тој беше ракоположен за свештеник од папата Фрањо.
Самуел Пјермарини е роден Римјанин и страствен навивач на познатиот италијански фудбалски клуб Рома.
„Почнав да шутирам топка кога имав пет години. Секое првенство го гледав со носот залепен за телевизорот. Мојот херој беше Џанлуиџи Буфон, вистинска легенда на италијанскиот фудбал, кого се обидував да го имитирам“, вели Пјермарини.
Тој признава дека поради фудбалот се откажал од многу работи во животот. „Никогаш не злоупотребував алкохол, никогаш не пушев цигари, а во сабота се враќав дома од забавите пред моите врсници, бидејќи во недела секогаш игравме натпревари“, се сеќава тој.
Со цело срце им се посветил на тренинзите во младинскиот тим, каде што неговиот талент го забележал Андреа Страмачони. Имал 17 години кога бил повикан на својот прв тренинг во Рома. Тренерот брзо решил да го постави за втор голман на клубот.
Пјермарини и шансата за фудбалска кариера
На Пјермарини му бил понуден профитабилен договор. До денес, во својата работна маса го чува факсот што требало да биде негов билет за нов живот. На него стои датумот 23 јануари 2010 година.
Неговиот сон почнал да се остварува. Светот се отворал пред него, пристигнувале првите големи пари, а фудбалските ѕвезди на кои им се восхитувал требало да станат негови соиграчи.
„Сепак, тогаш почувствував дека не сум создаден за тоа, а можноста што стоеше пред мене не ме правеше среќен“, се потсетува.
Кога, на изненадување на семејството, пријателите и пред сè на својот тренер, се откажал од потпишувањето на профитабилниот договор, Самуел сè уште не размислувал да стане свештеник. Тој повик дошол неколку месеци подоцна, откако ја одбил шансата да продолжи по фудбалскиот пат.
Неокатехуменски пат
Стремежот за поголеми работи му бил всаден преку Неокатехуменскиот пат, во кој учествувал со своите родители уште од детството.
„Литургијата и Црквата ми беа важни, но не претерано. Сепак, со моите пријатели разговаравме за важни теми од живото и учевме да донесуваме радикални одлуки. Никогаш не сакав ништо да правам со половично срце“, се потсетува.
Во тој период во неговиот живот влегла и љубов на прв поглед. Со девојката делеле заеднички вредности и слични страсти. Една година подоцна се свршиле.
„Сè изгледаше прекрасно, но бев свесен дека ни оваа љубов не ме прави среќен. Длабоко во себе чувствував некаква празнина. Се прашував зошто се случува тоа“, се сеќава Самуел.
Повик за свештенство
Првпат помислил дека може да стане свештеник додека патувал со воз.
„Без очигледна причина, почнав да се потсетувам на прекрасните свештеници што ги сретнав во животот. Конкретни лица и конкретни ситуации. На мое големо изненадување, помислив дека сакам да бидам како нив“, вели сега 28-годишниот свештеник.
Тој признава дека потврдата за овој пат дошла по расправија со неговата девојка и по раскинувањето на свршувачката поради сосема тривијална работа, нешто што претходно најверојатно не би го ни забележале.
Помалку од година и пол откако се откажал од фудбалскиот договор, Самуел отпатувал со своите родители во Диселдорф на средба со основачот на Неокатехуменскиот пат.
Традиција на овие средби е таканареченото станување за повик. Кико Аргуељо ги повикува оние што во своето срце чувствуваат повик за свештенство или богопосветен живот да станат.
„Кико уште не беше го завршил повикот, а јас веќе бев пред олтарот. Се чувствував среќен. Прекрасно е што овој повик се случи на фудбалски стадион“, вели тој со смеа.
Потоа следувала семинаријата „Редемпторис Матер“ во Рим, а во годините што дошле и задолжителните летни евангелизациски патувања.
Семинарија и мисионерски патувања
„Чувствував дека ја пронајдов полнотата што ми недостасуваше. Моите родители велеа дека зрачам со среќа. Почнав да го запознавам светот и да ги отворам очите за неговата многу сложена стварност“, истакнува Самуел.
Заедно со другите семинаристи, мисионерските патувања го однеле во Австралија, каде што работел меѓу Абориџините, во Еквадор, каде што ја искусил сиромаштијата, во Калкута, каде што одел по стапките на Мајка Тереза, како и во многу секуларизираната Шведска.
„Мојот свет навистина се преврте наопаку кога во 2017 година бев испратен на мисија во Бразил. Тоа не беа два месеца одмор што брзо поминаа, туку година и пол вистинска служба, која целосно го потврди мојот повик“, вели отец Самуел.
Тогаш штотуку почнувал да учи португалски. Живеел во куќа без бања и без кујна. Јадел со мештаните, кои со него го делеле и тушот.
„Бев лишен од сите начини за бегство што претходно ги користев. Повиците до родителите или пријателите не помагаа многу. Тие не беа таму со мене. Го немаше ни мојот духовен отец, кој дотогаш ми беше голема поддршка. Останаа само Исус и луѓето кај кои ме испрати“.
Малку исплашен и, како што вели, несигурен, го проповедал Евангелието и бил со луѓето, а Бог правел чуда.
„Најмногу ги паметам семејствата кои, по години големи борби, си простуваа едни на други и започнуваа нов живот“, вели тој.
Ракополагање од папата Фрањо
По враќањето од Бразил, Самуел го примил ѓаконскиот чин и почнал да служи во една од периферните парохии на Вечниот град, каде што криминалот и социјалните проблеми се многу присутни, а младите тешко гледаат надеж за иднината.
„Без разлика дали се на периферијата на Рим или во сиромашните населби на Бразил, луѓето имаат исти соништа и стремежи. Им треба некој што ќе ги придружува, што ќе им Го покаже Бога и ќе им помогне да живеат со достоинство“, вели отец Самуел.
Поранешниот надежен фудбалер сè уште посегнува по топката, овојпат како средство за евангелизација.
„Заедничката игра на теренот гради односи, а тие односи водат до поставување важни прашања и до донесување одлуки. Ние живееме за да направиме нешто големо. Соодветно е потсетувањето на папата Фрањо дека младите треба да се учат на радикални избори, а не само на привремено преживување“, нагласува тој.
Кога го прашуваат за ракополагањето од Папата, Самуел одговара со своето препознатливо чувство за хумор.
„Тоа е најприродниот тек на настаните. Тој е римски епископ, а јас сум Римјанин. Како да играме заедно во најсилниот тим на светот, а тоа е Црквата.“
Неговиот сон е луѓето да откријат колку е убаво да се биде христијанин и дека тоа е вистинскиот пат до среќата.
Алетеја/к.мк

