Мораме да ги намалуваме толкуте грубости кои се предизвикани од горделивоста и ароганцијата.
Верникот укажува на можностите за надеж – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 9 декември 2018 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан и истакна: Литургијата од минатата недела нè повика за време на Божиќниот пост и очекувањето на Господ да живееме во подготвеност. Денес на втората недела од Божиќниот пост ни покажува дека треба да го живееме тоа очекување започнувајќи пат на преобраќање.
Евангелието како водич за тоа патување ни го претставува ликот на Иван Крстител кој го поминал целиот крај околу Јордан, проповедувајќи покајно крштение за простување на гревовите (Лука 3,3) – рече Папата. За да го опише посланието на Иван Крстител евангелистот Лука се послужува со старото пророштво на Исаија кое вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат.“ (Лука 3, 4-5)
За да се подготви патот за Господ Кој доаѓа, потребно е да се земат во обѕир барањата за преобраќање на кои повикува Иван Крстител – рече Светиот Отец и напомена: Пред сè повикани сме да ги исполниме вдлабнатините кои се предизвикани од студенилото и рамнодушноста, отворајќи се за другите со истите Исусови чувства, односно со таа братска срдечност и внимание кои се грижат за потребите на другите. Не може да се има однос на братска и христијанска љубов кон ближниот, ако во тој однос постојат дупки, како што не може да се оди по патот со многу дупки.
Потребно е да се промени однесувањето – рече папата Фрањо и продолжи: И сето тоа да се прави со посебна грижа за оние во најголема потреба. Потоа мора да ги намалуваме многуте грубости кои се предизвикани од горделивоста и арогантноста. Колку луѓе можеби несвесно се горделиви и груби и немаат однос на срдечност. Тоа треба да се надмине правејќи конкретни гестови на помирување кон браќата и барајќи прошка за своите грешки. Не е лесно да се помириш. Секогаш се мисли: „Кој ќе го направи првиот чекот?“ Господ ќе ни помогне ако имаме добра волја. Имено, преобраќањето е целосно ако води кон понизно признавање на своите грешки, неверства и неизвршувања.
Верник е оној кој се обидува да биде близу до братот, како што Иван Крстител отвора патишта во пустината, односно ги покажува можностите за надеж па и во оние несоодветни животни прилики кои се обележани со неуспех и пораз – рече Папата и нагласи: Не може да се предадеме пред негативните прилики на затвореност и отфрлање; не смееме да дозволиме менталитетот на овој свет да нè подложи на себе затоа што во центарот на нашиот живот е Исус и Неговото Слово на светлина, љубов и утеха.
Иван Крстител со сила и строгост ги повикувал луѓето во своето време на преобраќање – рече Светиот Отец и додаде: Сепак, знаел да слуша, да биде нежен и полн со простување кон мноштвото луѓе кои му доаѓале за да ги исповедат своите гревови и да се крстат со покајно крштение. Неговото сведоштво ни помага да напредуваме во нашето сведоштво на животот. Чистотата на Неговото навестување и неговата храброст во навестувањето на вистината, успеале да ја разбудат надежта во Месијата, која веќе долго време била заспана.
И денес Исусовите ученици се повикани да бидат Негови понизни, но храбри сведоци, за повторно да ја разбудат надежта и да помогнат луѓето да сфатат дека и покрај сè царството Божјо и понатаму од ден на ден се гради со силата на Светиот Дух. Секој од нас нека размисли: „Можам ли да променам нешто во своето однесување за да го подготвам патот за Господ?“ Нека Блажена Дева Марија ни помогне од ден на ден да го подготвуваме патот за Господ започнувајќи од нас самите, и ширејќи околу себе со постојано трпение, семето на мирот, правдата и заедништвото – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк