Млади одете против струјата
Младоста е период од животот во кој се јавува длабоката желба за вистинска и голема љубов. Тоа е запишано во нашето срце, во нашето битие: копнежот да бидеме сакани и да сакаме. На некој посебен начин тоа е и време на длабока потрага за оние најважните одговори за нас самите. Кој сум јас? Каде одам? Кој е мојот повик? Дали ќе успеам да направам добри избори во својот живот? На кого можам да се потпрам?
Започнува патот кон зрелоста, се пораснува, постепено разделување од родителите и потрага по својот животен пат за остварување на самостојност. Низ целата таа збрка низ која поминува младиот човек во текот на растењето на него имаат влијание два фактора: врсниците и медиумите.
Опкружувањето во кое младиот човек најпријатно се чувствува е пријателството, радоста на заедништвото, чувството на слобода и прифатеноста меѓу оние кои се чувствуваат исто или слично, кои што имаат слични соништа, поглед на животот, вредности… Во тој простор речиси со неверојатна леснотија и брзина се разменуваат идеи и информации, се формираат трендови, мода, специфична култура на комуникација.
Влијанието кое на децата и на младите некогаш ги имале стимулирачките училишни едукативни програми или списанија денес буквално се прегазени од интернетот и социјалните мрежи. Речиси да не постои млад човек кој не користи некоја апликација или да не е присутен на некоја социјална мрежа. Пазарот на масовните медиуми во голем дел е свртен токму кон децата и младите затоа што полесно се прилагодуваат од постарите генерации, полесно ги освојуваат новите модели на комуникација, отворени се за користење на новите технологии, а преку нив (во смила на маркетинг) е полесно да се има влијание на родителите. Верувам дека секој родител на своја кожа ја почувствувал упорноста на наговарање на детето кога е во прашање купувањето на одреден производ без разлика дали се работи за мобилен телефон, облека, обувки и слично нешто,. кое што на детето претходно во облик на реклама му е испорачано.
Теоретичарите за масовните медиуми забележале дека одамна ја напуштиле својата примарна цел: следење, евидентирање и информирање за релативните општествени случувања и зачекориле во просторот на важниот фактор кој ги креира општествените процеси, потреби и трендови (Буриќ Ј., 2010, Децата и младите како конзументи на месовните медиуми). Младиот човек помеѓу 16-24 години просечно поминува 27 часа неделно на интернет, што е трипати повеќе од пред 10 години. Од 2005 година секоја година сме сведоци на лансирање на нови производи или услуги дизајнирани за интернет кој со неверојатна брзина го преструктуираат медиумскиот пејсаж.
„Мобилен на вас“ или „Мир на вас“
Но, што младите навистина бараат? Кога би ги запрашале родителите што е она најважното што на нивното дете во овој момент му треба, веројатно меѓу одговорите би можело да најдеме сè и сешто… Колку родители би одговориле дека имаат желба на пример детето да им живее во чистота пред бракот, да ја сведочи својата вера пред другите млади луѓе, секојдневно да моли, редовно да ги користи светите Тајни, да оди во спротивна насока од останатите врсници кои живеат световно, да оди против струјата?
Токму тие се пораките и повиците кои папите ги упатуваат на младите. Овие пораки имаат исклучителна тежина. И тоа навистина е најважно од сè друго. Да постои нешто поважно папите на младите би им зборувале за тоа. Затоа одлучив да посветам простор на тие пораки. Можеби тие пораки немаат простор во медиумите, можеби многу родители на денешните млади тие пораки и не ги разбираат, но тие пораки многу добро ги слушат и ги разбираат токму тие млади кои искусуваат средба со живиот Христос. Тие тоа го сведочат со вклучувањето во различни организации на млади, со своето делување, со својата молитва.
Пораки на Папата до младите
Слугата Божји Павле VI на крајот од Вториот ватикански собор на момчињата и на девојките од целиот свет им ја предал пораката која започнува со овие зборови: „На вас момчиња и девојки од целиот свет, Соборот сака да ви ја упати својата последна порака. Затоа што вие сте тие кои ќе го преземете факелот од рацете на своите татковци и ќе живеете во светот на најмасовните промени некогаш забележани во историјата. Вие сте тие кои водејќи се од најдобриот пример и учењето од своите родители и учители ќе го обликувате идното општество: вие ќе се спасите или ќе исчезнете со него. (Порака до младите, 8 декември 1965)
Ако погледнеме во контекст на времето во кое се одвивал Соборот ќе забележиме дека тоа меѓу останатото било времето на зачетокот и воздигнувањето на една нова погубна идеологија – родовата идеологија, на крилата на сексуалната револуција во шеесетите години во САД која буквално ќе ги заплисне бреговите на тогашниот свет. Овие пророчки зборови ги најавиле големите промени кои ќе следуваат на подрачјето на технологијата, комуникацијата и на сите другите делови на секојдневниот живот.
Во личноста на папата свети Иван Павле II имавме можност да бидеме сведоци на продолжување на делувањето и интервенцијата на Светиот Дух на тогашните предизвици. Во замавот на бранот на родовата идеологија, а која има за цел редефинирање на основните антрополошки вистини за човекот, достоинството и неповредливоста на човечкиот живот од зачетокот до природната смрт, бракот и семејството преку папата свети Иван Павле II Црквата за дар го доби одговорот на овие предизвици: Теологијата на телото. Токму свети Иван Павле II пред триесетина години го основа Светскиот ден на млади во Црквата, но и одреди епископите од целиот свет да напишат една книга во која треба да дадат одговор што Црквата учи и верува и како тоа да се поврзе со од темел променетата култура. Така младите добија уште еден прекрасен дар – YOUCAT катехизам за млади.
„Драги млади на Црквата и се потребни вистински сведоци за новата евангелизација: мажи и жени чиј живот е променет при средбата со Христос; мажи и жени способни да го пренесат тоа искуство на другите. На Црквата и се потребни светци. Сите сме повикани на светост, а само светците можат да го обноват човештвото“ (свети Иван Павле II).
Папата Бенедикт XVI во обраќањето до младите посебно ја нагласуваше важноста за евангелизација и сведочење на верата посебно на тој како што го нарече „дигитален континент“ (Порака за 43 Светски ден на средствата за општествена комуникација, 24 мај 2009). Бенедикт XVI нагласи дека поминуваме низ еден посебен историски период: технолошкиот напредок ни даде нови и ненасетливи можности за интеракција меѓу луѓето и народите, но глобализацијата на тие односи ќе биде позитивна и ќе му помогне на светот да расте во човештво само ако не биде заснован на материјализмот, туку на љубовта, единствена реалност која може да ги исполни срцата на сите и да ги обедини луѓето. Затоа е итно потребно да се сведочи Божјото присуство за секој да може да го искуси. Од тоа зависи спасението на човечкиот род и спасението на секој од нас. Предупреди и на опасностите кои можат да се сретнат на патот: посебно опасноста од зависност, мешањето на реалниот свет со виртуелниот и заменувањето на директната средба и дијалогот со луѓето со контактите на интернет.
Папата Фрањо ги повика младите да бидат револционери, да одат против струјата: Повикувајќи ве повторно да ја откриете убавината на човековиот повик на љубов, ве поттикнувам да се побуните против раширените стремежи за тривијализација на љубовта посебно кога се обидува да се сведе исклучиво на аспектот на сексуалност, лишувајќи ја така од важните карактеристики на убавината, заедништвото, верноста и одговорноста. Драги млади во културата на минливото, релативното, многумина проповедаат дека е важно да се „ужива“ во моментот, дека не вреди да се врзеш за цел живот, да донесеш конечна одлука, „засекогаш“ затоа што не се знае што ќе донесе утре. Јас напротив од вас барам да бидете револционери, да одите против струјата. Ве молам да се побуните против таа култура на минливото која во основа смета дека не сте способни да преземете на себе одговорност, дека не сте во состојба вистински да сакате.
Останав воодушевен не само од содржината на пораката која папите ја упатувале до младите, туку и од начинот на кој папите им се обраќале на младите. Тоа обраќање е полно со доверба и искрена љубов, почит, прифаќање, мотив, вистински татковски совет. Секој папа на младите им зборувал за она најважното, сржта. Ме воодушеви таа доверба и вера која папите ја имаат во младите, во нивната исклучителна улога која ја имаат во светот и во Црквата. Ме воодушеви и барањата кои ги имаат самите пораки каде што не се двоумат да им доверат на младите многу важни задачи како евангелизацијата, дури нагласувајќи им дека постојат задачи и послание кои само тие можат да ги остварат.
Крешимир Милетиќ/Гласник мира/к.мк