Марија од Назарет во Нова Маала и Чанаклија

Во вторник, на 17 мај, во попладневните часови статуата на Марија од Назарет пристигна во Чанаклија пречекана со молитва и песни упатени од верниците. Во филијалната црква „Свети великомачемик Георги“ – Чанаклија статуата Марија од Назарет се задржа околу два часа, а потоа беше испратена за Нова Маала, каде што црковното ѕвоно биеше 15 минути пред пристигнувањето на статуата. Пречекот беше пропратен од голем број верници и деца кои ги вееја знамињата на Република Македонија, Ватикан и Апостолскиот Егзархат во знак на добредојде. Побожностите започнаа со Молебен кон Пресвета Богородица, а отец Џовани Марија Леонарди ја објасни мисијата на статуата на Марија од Назарет и ги повика децата да ѝ ветат на Марија дека ќе молат секој ден барем по еднна молитва „Радувај се Маријо“ за таа да им обезбеди вечен живот. Побожностите до Богородица продолжи до полноќ.

Следниот ден, на 18 мај, покрај целодневната можност за посета и молитва кон Марија,беше организирано и посебно молење во 11.30 минути на учениците од прва смена кои учат во основното училиште во Нова Маала, заедно со нивните наставници и директорот на училиштето, а во 16.00 часот за учениците кои беа на училиште втора смена.

Дека Марија е Мајка на сите, покажа и присуството на месниот имам, г-н Сејкан Османов заедно со група на верници од муслиманска вероисповед пред стуатуата на Марија на вечерната света Литургија и Молебен кон Мајка Божја. Таа вечер молењето продолжи повторно до полноќ, а после полноќ се продолжи со бдеење.

Во четврток 19 мај утрото се служеше св. Литургија предводена од парохот о. Спасо Ристов, капеланот о. Ване Назов и о. Џовани Марија Леонарди, а во 9.00 часот се собраа верниците да ја испратат Марија во нејзината понатамошна мисија во Струмица, најпрво во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богорида“, а од сабота ќе престојува и во парохиската црква Свети Иван Крстител – Струмица, со надеж дека повторно ќе ја посети оваа парохија.

к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот