Малтешкиот ред: Нападите врз цивилите и хуманитарните работници се злосторства против човештвото
За време на Минхенската конференција за безбедност 2024 година, што се одржа од 16 февруари до 18 февруари 2024 година во Минхен, главниот град на Баварија, Суверениот витешки ред на Малта ги повтори ставовите, дека нападите во конфликтните зони насочени кон цивилото население и хуманитарните работници се злосторствата против човештвото.
Додека шефовите на држави, владини претставници и креатори на политиките се собраа, од петок 16 февруари до недела 18 февруари 2024 година, во Минхен на 60-та конференција за безбедност за да разговараат за итни меѓународни безбедносни проблеми и да ја поттикнат соработката, Суверениот витешки ред на Малта го повтори итниот повик за почитување на меѓународното хуманитарно право, кое е сè позагрозено среде турбулентниот период на геополитички конфликти.
Заштита на цивилите
Има итна потреба да се работи на заштитата на цивилите и хуманитарците во конфликтните зони, како што покажува текот на војната во Украина, а уште подраматично е во Појасот Газа, изјави големиот канцелар на Католичкиот верски ред, Рикардо Патерно ди Монтекупо, на придружниот настан на високо ниво организиран во главниот град на Баварија за заштита на вработените хуманитарци во конфликтните зони.
Цивилните згради, вклучувајќи домови, болници, училишта и верски објекти, се жртви на неселективни воени напади. Основната енергетска инфраструктура се оштетуваа или уништува со цел да се лишат цивилите од основните социјални услуги.
Фокусот на настанот беше на тоа како верските и меѓународните хуманитарни актери заедно можат да бидат поефикасни во почитување на меѓународните хуманитарни принципи и закони.
Украина и Газа не се единствените хуманитарни кризи
Големиот канцелар на Католичкиот монашки ред, Патеро ди Монтекупо, истакна дека Украина и Појасот Газа се само некои од највидливите кризи кои ги трауматизираат цивилите и хуманитарните работници, а ги има и во земјите како Јужен Судан, Сирија, Хаити и Мјанмар, и многу други конфликтни региони во светот.
Здружување на силите со хуманитарни агенции
Потсетувајќи на улогата на Малтешкиот ред како застапник за заштитата на цивилите во конфликтните зони, без разлика на нивното потекло, пол или вера, големиот канцелар на Редот ја истакна важноста од зајакнување на ангажманот на хуманитарните организации ширум светот, без оглед на тоа дали се весрки или невладини како и на заедничките напори за почитување на меѓународното хуманитарно право.
Суверениот витешки ред на Малта верува дека хуманитарните организации треба да се здружат околу основната цел: да го поддржат меѓународното хуманитарно право и да започнат координирана активност за застапување со владите и главните меѓународни форуми, како што се Г7 и Г20, рече Патерно ди Монтекупо.
Меѓу говорниците на конференцијата беа поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун, високиот комесар на УНХЦР Филипо Гранди, извршната директорка на Меѓународната организација за миграција Ејми Поуп, претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Мирјана Шпољариќ Егер, добитникот на Нобеловата награда за мир во 1997 година, Џоди Вилијамс и премиерот на Либан Наџиб Микати.
Хуманитарните работници жртви на конфликтите
Поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун го привлече вниманието на драматичниот број на хуманитарни работници убиени во последниве години во конфликтните зони, вклучително и во Појасот Газа, каде што најмалку 167 хуманитарни работници загинаа во последните пет месеци.
Најмалку 114 милиони раселени лица во светот
Во свет каде почитувањето на меѓународното право се намалува, бројот на раселени лица се зголемува. Во моментов во светот има најмалку 114 милиони раселени лица, апелираше Џоди Вилијамс, добитник на Нобеловата награда за мир во 1997 година.
Ватикан њуз/к.мк