Во прекрасната базилика свети Климент, папа римски, сместена во централниот дел на вечниот град Рим, а водена од Отците Домениканци – еден од монашките чинови во Католичката црква на 24 мај 2017 година беше отслужен Молебен во чест на Свети Кирил Солунски.
Традиционално веќе со децении делегација од Македонија доаѓа на гробот на светиот Кирил за 24 (11) мај секоја година оддавајќи благодарност на делото на светите Браќа, ширење на Радосната вест меѓу словенските народи. Светите Кирил и Методиј кои се родом од Македонија, христијанството го проповедале на старомакедонски јазик кој долги години бил официјален јазик на сите словенски народи, низ вековите станал познат како старословенски или црковнословенски јазик.
Молебенот го предводеа членовите на синодот на МПЦ митрополитите г. Тимотеј и г. Пимен во сослужение на свештеници и ѓакон. Во името Н.В.П монс. д-р Киро Стојанов од Католичката црква во Македонија присуствуваше отец д-р Зоран И. Стојанов. Државната делегација ја предводеше г-динот Никола Попоски, министер за надворешни работи.
к.мк/Филип Стојанов