Лука во Божикно време
Слава на Исуса Христа (Христос се Роди)!
Ваше Високопреосвештенство, браќа свештеници, во самото поздравување се покажува нашата реалност, славиме Раѓање Христово по волјата на луѓето по две различни традиции, односно календари: Јулијанскиот и Грегоријанскиот (на Јулие Цезар од 46 пред Христа и на Папата Гргур или Григориј XIII од 1582 година).Божик како вистински настан можеме да го препознаеме во пораката на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, искажана во Божикната проповед, на 24 декември 2015 година: „За нас верниците Божик е вистинска средба со Бога и тоа длабоко во нашата свест, совест и нашето срце. Инаку ако таа средба не се случи и вечерва овде тогаш ќе бидеме слични на граѓаните од Витлеем кои таа ноќ ги истераа и ја затворија вратата пред една сиромашна жена во блажена состојба и нејзиниот маж...“
Силните божикни пораки на Папата Фрањо и на бискупот Киро, во оваа празнично време кога сме меѓу „двата“ (според грегоријанскиот и според јулијанскиот календар) Божика можат да нú помогнат за длабоко размислување и внатрешно преиспитување: каде сум јас и каков сум јас? Но и испитување на совеста: Господи Исусе те чекам Тебе и твоето идење на земјата и Спасителниот Божји поход или се величам себе и се славам сам?
Славењето на два различни календара нема објаснување, или барем не паметно и логично размислувајќи, кога веќе сите знаеме дека Божик се слави на 25 декември. Нема смисла да ве замарам, со тие појаснувања дека денес е 28 декември, а не некоја друга дата. Дури и неправедно би било да се става масло на огнот, кога оние кои тоа го знаат, а не сакат да сфатат дека народот сака соединување, а не разединување оти една е Христовата Црква… жал ми е за деловните луѓе во Македонија кои поради разединетоста на следењето на календарите трпат загуби; за работниците кои неможат да си го прослават Божик како што треба зашто се сè развлекува поради различитоста на календарите; за нашинците по туѓина кои од таа разединетост не можат да слават Божик, ако сакат да дојдат во родниот крај, зашто во останатиот свет се следи нормалниот календар па празниците со Водици 6-ти јануари завршуваат…
Добро е што МРТВ врши пренос од Божикните и Велигденските Литургии од Католичките храмови, па народот може да ги слушне пораките за вистинското случување или како што вели владиката „настан“ за Исусовото раѓање и Воскресение. Иако би било многу подобро во Телевизијата и Радиото да се осмелат и почесто вршат преноси на Божествена Литургија од католичките храмови низ Македонија…
Божик (се разбира и Велигден, па и другите празници со нив поврзани) не се еуфоријата и адетите на т.н. традиционални празни празнувања: со кољадите спроведени со пагански песни, огновите, мртвото „божикно дрвце“, благата алкохолна ракија и којзнае можеби оваа година ќе издумат и некоја нова од „памтивек“ традиција за да прават циркус… Не Божиот народ не смее да остане во темнината на паганството. Дали и денес ни е страв од пророкувањето на Исаија: „Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ќе блесне светлина.“ (Исаија 9,2).
Тоа ме натера на силно внатрешно размислување: – како се однесуваме Боже, како презбитери, ние кои треба да бидеме alter Christus, се бориме ли да бидеме или да станеме се повеќе ipse Christus?Најдов еден прекрасен цитат во книгата „Сведоштва на еден (руски) поклоник (на својот духовен отец)“ (стр.42). Кога духовникот го советува својот духовен син (богобарател – побожник) за навиките на истрајност во молитава и нејзината радост, му вели: „Фала му на Господа, што кај тебе се покажала желба за молитва и леснотија во неа. Тоа е природна работа, која настанува од честото вежбање, слично како машината на која и се свртува главното тркало, а после работи и сама. А за да продолжи да работи тоа тркало треба да се подмачкува и раздвижува“. Едноставно споредување, но вистинито од устата на побожен еромонах кој животот го дарува на молитвата и своето искуство го споделува со богобарателот кој сака да ги применува способностите со кои е обдарен од човекољубивиот Бог. Можеме и сами да го почувствуваме тоа дека драгиот Бог нас нè обдарува во нашата сетилна природа со чувства кои можат да се појават во нас и покрај непрочистената чувствителоност и нашата грешна душа. Понатаму тој му советува: „Како е возвишено, восхитувачко и удобно кога Бог ќе nè удостои и открие дар од духовната молитва која делува сама по себе и ја чисти нашата душа од страстите“. Искушеникот или богобарателот, имал доверба во својот духовник и таа доверба станала реципрочна, па покрај советите духовникот си дозволува и ќе му рече: „Таа состојба неможе да се објасни… во едноставноста на срцето тоа се постигнува… обавувај ја молитвата колку сакаш и што повеќе можеш, без броење, предавајќи се понизно на волјата Божја и очекувајќи од него помош. Верувам дека Он нема да те остави и дека ќе го насочи твојот пат“.
Она што јас во денешниот наговор сакам да го кажам преку цитатот на оваа дело, ќе го искажам со зборовите на поклоникот или богобарателот, кој вели: „Примајќи ја оваа порака, цело лето го поминав во усна молитва (кон Исуса) и бев многу мирен. Кога случајно ќе сретнев некого, ми се чинеше драг, мил како да ми е роднина, иако немав ништо заедничко. Разните мисли самипосебе се стишија. Кога одев в црква долготрајните манастирски служби ми изгледаа кратки и не ме заморуваа како порано. Мојата самотна колиба ми изгледаше како некоја прекрасна одаја. Едноставно незнаев како да му заблагодарам на Бога за сето тоа…“
Пред нас е големиот предизвик Божикното време, па отука и јас во овој многу краток временски рок кој го имав на располагање за подговување, се одлучив да се насочам во размислувањето за Божик, а не да го насочам кон Годината на Милосрдието, во која зачекоривме од неодамна. Ми предизвика голема заитресираност фактот дека евангелистот Лука е многу поврзан со Македонија, односно со нас, па можеби читајќи го во предстојните денови можеме да го гледаме и со такво едно светло: Првиот македонски епископ. Постојат раздвоености меѓу историчарите од каде тој точно потекнува, дали е родом од Антиохија или е од Филипи. Павле сакал по секоја цена тој да биде со него во Филипи, факт кој наведува дека Лука најверојатно е Македонец. Веќе објавив во Светлина (бр.54, стр.18) за неговата поврзаност со Македонија: „По убавите римски патишта Павле среќно стигнува во земјата Троадска со главен град Троада. По пат Павле се разболува. Доаѓа во геогравски најубавите предели од досегашното негово мисионерско патување. Блага клима, морско опкружување и еврејска заедница во која веќе имало христијани. Маката дека не продолжил по-источно каде имало бројни евејски заедници, како и болеста која го нападнала се покажале како знак даден на Павле во Божјот план за ширење на христијанството. Тука Павле го среќава евангелистот Лука. Роден како паганин, лекар по професија. Крстен од првите, непознати ширители на христијаството. Среќна тоа била средба на Павле со Лука, тој се придружува и го прати до градот Филипи. Светиот Лука станува првиот епископ на градот Филипи и цела Македонија во новиот континент Европа, кој непланирано Павле го посетува по видение: „стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!”
Тоа е претпоставка која може точно да се потврди преку Светото Писмо односно Дела Апостолски, зашто со крајот на 16 глава од Делата престанува пишувањето во прво лице множина до почетокот на 20 глава поточно 20,6 се употребува трето лице множина: „А ние отпловивме од Филипи по дните на Бесквасници и за пет дена пристигнавме во Троада при нив…“ Тоа се случува за време на Второто Павлово патување и првото идење во Македонија, кога Лука останува во Филипи и Третото Павлово патување и неговото второ идење во Македонија, кога Лука се повлекува од Филипи и следејќи го во неговото мисионерско дело ќе се грижи и за кревкото Павлово здравје како лекар.
Во посланијата на Павле, Лука директно се спомнува три пати, од тие пишувања скоро со потполна сигурност може да се потврди дека се работи за истата личност, се спомнува токму евангелистот.
- Го спомнува Лука во поздравите до Филимон, кого Павле го моли да преземе грижа за Онисим како брат во Христа (Филимон 23).
- Во посланието до Колосјаните (4,14) Павле ни укажува дека Лука е лекар, велејќи: „Ве поздравува Лука, возљубениот лекар…“
- Третото директно спомнување е од Рим, поточно кога Павле е меѓу две затворски паузи, пишувајќи до Тимотеј (2 Тим.4,10), голема е тагата на Павле за оние што го напуштиле и се заробиле во материјалните похлепи, па ќе рече: „Само Лука е со мене“.
Некои работи ги знаеме од други автори, како на пример дека бил одан придружник на св. Павле во патувањата го пренесува св. Иренеј (135 – 202). Иринеј некои работи можел со сигурност и точно да ги посведочи зашто ги слушнал од св. Поликарп, кој бил ученик на св. Иван Богослов.
Дека Лука не бил очевидец на фактите кои ги опишува во Евангелието ни го потврдува и првата листа на новозаветните пишувања Канонот на Муратори. Лудевик Антонио Муратори, 1672-1750, истакнат италијански историчар, по него е наречен Канонот зашто тој во 1740 го објавува.Канон кој се верува дека е напишан меѓу 142 и 157 на латински, од папата Пиј I, преведен е на грчки меѓу 170 и 200 година.
Традицијата св. Лука го опишува и како сликар, но тоа не е потврдено.
Лука се смета дека Евангелието и Делата ги има напишано меѓу 80 и 85 година. Тоа со сигурност ја потврдува тезата дека прво напишано евангелие е она според Марко, а Лукиното е некаде во исто време со она на Матеј, кој пак бил директен очевидец на фактите, како што е и св. Иван.
Било кој да напише една и еднствена година на пишувањето на Евангелијата би било илузорно, поради она што е содржината на текстот, но секако дека Евангелието од Лука е после 70-та година и паѓањето на Ерусалим.
Завршувајќи го овој дел сакам да спомнам дека Лука се зема и како еден историчар, посебно ако се погледнат Делата. Тој голем теолог во Евангелито, тука се трасформира во творец на дело „историја на спасениет“, во која Бог се укажува како оној кој ослободува и спасува. Значи ако историјата на верата ја делиме на три периоди: времето на Израел; времето на Исус и времето на Црквата, тогаш на Лука оди заслугата што го третира (прикажува) во оригинална форма времето на Исус и прв ја трасира историјата на Црквата.
Интересно е дека некои непријатлски настроени историчари ја разоткриле вистината за Лукиното пишување, сакајќи да го негираат, потикнале дека Лука, се зафатил со објективно пишување за историјата на Спасението, токму од причина што во првите времиња кружеле некои пишувања за Новиот Завет, кои го увеличувале дел на животот на Исус, а посебно детството и времето по воскресението. Тоа доведувало до оцрнување на делото на Спасението, па Лука се спротвставува на тоа преку пренесување на автентични сведоштва.
Прологот кај Лука е христолошки и ги опфаќа 1 и 2 глава и ако сакаме да го ставиме во шема би изгледал вака:
Пишува за Иван, од 1,5-25: односно навестувањето на Захарија
За Исус: 1,26-38: односно навестувањето на Марија
Од 1,39-55: се соединуваат двете истории;
посетата на Марија на роднината Елисавета
и Магнивикат или Величаем
1,57-58: раѓањето Иваново и посетата на соседите
2,1-20: раѓањето Христово и посетата на пастирите
1,59-79: обрезанието на Иван и Захариевата песна
2,21: обрезанието Исусово
2,22-28: прикажувањето в храмот и Симеоновато песна
1,80: повлечениот (скриен) живот на Иван
2,39-52: повлечениот (скриен) живот на Исус (рд.39-40);
Исус во храмот (рд.41-50);
Повлечениот живот на Исус (р.51)
Овие редови во периодот кој е пред нас ќе ни бидат главното четиво кое ќе го читаме, слушаме и навестуваме затоа јас сакам да се задржам на Исус во Лука.
– Тој пишува за христијаните кои произлегуваат од паганска традиција и не се дел од јудаизмот. Во почетното опишување нему многу му е сличен и Матеј во прологот имат навестување на она што ќе следи.
Среќаваме поврзување на Иван како симбол на Стариот Завет и Исус „Господарот на последните времиња, односно полнотата на укажувањето“.
– Од самиот почеток Евангелието е навестено на сиромасите (пастирите) и е од нив навестено. Кога го читаме евангелието на Лука ни станува јасно зошто тоа е наречено Мариолошко, таа има многу поголема улога од Јосиф, со што станува модел на ученик кој знае адекватно и стрпливо да го прифати Словото се додека даде плодови. Од спомнатите редови во првите две глави од Евангелието пронаоѓањето на детето Исус во храмот во Ерусалим по тридневно талкање, е сцена која потсетува во антеприма на темата воскресение. Пишаното бездруго ни дава за право да сфатиме дека веќе овие капитоли од евангелието покажуваат или нивната структура ја искажува верата на заедницата на верници на кои Тој се обраќа: преку нив ни е кажано кој е Исус и која е смислата на неговата мисија. Идентитетот на Исус е представен преку ангелите и преку Симеон: „Син Божји“ (1,35), „Спасител, Христос, Господ“ (2,11), очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.”(2,30-32).
Би сакал да завршам со прекрасната изрека на свети Августин (Августин (13 ноември 354 – 28 август 430) бил влијателен средновековен христијански философ и епископ Ипонски), кој вели: „Пробуди се човече, зашто заради тебе Бог стана човек“ (Discorso -Говори 185).
Божик нека ни биде потик на размислување, но и потик на сведочење дека сме соединети со светиот отец Папата Фрањо, кој силно повика да бидеме со Црквата, односно народот.
о. д-р Зоран И. Стојанов
Предавањето е одржано на Духовната обнова за свештеници во Нова Маала, 28 декември 2015 година.