Лав XIV повика на 24-часовно примирје во целиот свет на Божиќ

Лав XIV повика на 24-часовно примирје во целиот свет на Божиќ

Во Кастел Гандолфо, папската резиденција во близина на Рим, Лав XIV одговараше на прашања од новинарите. Во врска со Украина, тој изрази жалење за одбивањето на Русија да прифати божиќното примирје и повторно апелираше за 24-часовно примирје. Потоа потсети на посетата на кардиналот Пицабала на Газа и се надева дека договорот за прекин на огнот ќе „продолжи“. Папата, исто така, го изрази своето „длабоко разочарување“ од усвојувањето на закон за асистирано самоубиство во Илиноис: „Мора да размислиме за вредноста на човечкиот живот“.

„Уште еднаш ги молам сите луѓе со добра волја да го прослават денот на мирот барем на празникот Рождество на Спасителот.“ Овој апел го упати папата Лав XIV за божиќните празници вечерта на 23 декември од неговата резиденција во Кастел Гандолфо.

Како и секоја недела, Папата помина еден ден одмор и работа во градот во регионот Лацио. Луѓето, кои ги преполнија улиците и покрај поројниот дожд, пееја „ Feliz Navidad “ и други божиќни песни, а се слушаше и музиката на општинскиот оркестар на Кастел Гандолфо, сите заедно го придружуваа Папата. Парохискиот свештеник, отец Тадеуш Розмус, од Папската парохија Свети Тома од Виланова, го поздрави Светиот Отец во име на сите и му подари кошница со типични локални производи.

Ден на мирот низ целиот свет

Како што е традиција, Лав XIV застана за да одговори на прашања од група новинари од различни медиуми. Блискиот Исток и Украина беа меѓу темите за кои се дискутираше. Во врска со Украина, каде што масовни руски воздушни напади погодија неколку региони во последните часови, папата Лав рече: „Навистина, меѓу работите што многу ме растажија овие денови е фактот дека Русија јасно го отфрли барањето за божиќно примирје“. Потоа, Римскиот епископ го повтори својот повик за божиќно примирје: „Да се надеваме дека ќе нè послушаат и дека ќе има 24-часовно примирје, ден на мир во целиот свет“.

Нека продолжи мировниот договор на Блискиот Исток

И повторно Папата го насочи вниманието кон воените жаришта, оној на Блискиот Исток, каде што се дискутира за Фаза 2 од прекинот на огнот. Светиот Отец потсети на неодамнешната посета на Газа од кардиналот Пјербатиста Пицабала, латинскиот патријарх на Ерусалим. „Пред еден час контактирав со парохискиот свештеник“, рече отец Габриел Романели, парох на црквата „Свето семејство“ во градот Газа. „Тие се обидуваат да слават во услови на сè уште многу неизвесна ситуација“. Папата рече како „се надева дека мировниот договор ќе продолжи“.

Разочарување поради законот за асистирано самоубиство

Потоа, осврнувајќи се на Соединетите Американски Држави, Папата коментираше за неодамнешното усвојување во неговата матична држава Илиноис на закон со кој се дозволува асистирано самоубиство за терминално болни возрасни лица со прогноза од шест месеци или помалку, почнувајќи од септември 2026 година. Лав XIV објасни дека веќе „многу јасно“ разговарал за ова прашање со гувернерот Џ. Б. Прицкер за време на аудиенција во Ватикан во ноември: „законот веќе беше на неговата маса во тоа време“. „Бевме многу јасни во врска со потребата да се почитува светоста на животот, од почеток до крај. Но, за жал, од различни причини, тој одлучи да го потпише овој закон“.

„Многу сум разочаран од ова“, нагласи Папата, а потоа ги повика „сите, особено за време на овој божиќен празник, да размислат за природата на човечкиот живот, за вредноста на човечкиот живот. Бог стана човек како нас за да ни покаже што навистина значи да се живее човечки живот“. Папата ја изрази својата надеж и молитва дека „почитувањето кон животот ќе биде обновено во секој момент од човечкото постоење, од зачнувањето до природната смрт“.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот