„Култура на отфрлање“
„Културата на отфрлање“ е во спротивност со „културата на прифаќање“. Гледајќи ги лицата на децата, младите и болните за кои се грижи Серафскиот институт во Асизи, и не читајќи подготвен говор, Светиот Отец го „покажа“ Исус и Неговите рани пред кои многумина денеска ги затвораат очите.
Навикнавме папите во наше доба да афирмираат одредени поими по кои стануваат препознатливи. Иван Павле II го паметиме како промотор на „културата на животот“, наспроти „културата на смртта“, Бенедикт XVI како теолог на кој му значеше зрелоста на верата, дијалогот на верата и разумот наспроти „диктатурата на релативизмот“. Папата Фрањо создаде еден нов израз: „култура на отфрлање“. Опширно го претстави за време на својата посета на Асизи на 4 октомври оваа година, на својот прв папски именден. Не е тоа систематски теолошки говор. Многумина ќе речат дека папата Бергољо и не е систематски теолог. Меѓутоа, се осмелувам да речам дека е и тоа како теолошки говор, бидејќи теологијата е (или би требала да биде) говор за Господ кој луѓето ќе го разберат. (За жал, се случува теолозите да се разбираат само помеѓу себе). А луѓето се гладни за Господ. Господ не сака да биде недостапен. Всушност затоа стана човек, за да комуницира со нас и да биде присутен, достапен во нашите животи. Папата Фрањо нѐ води до таквиот Господ, Господ и денеска чекори по земските патеки.
За каква „култура“ станува збор?
„Културата на отфрлање“ е во спротивност со „културата на прифаќање“. Гледајќи ги лицата на децата, младите и болните за кои се грижи Серафскиот институт во Асизи, и не читајќи подготвен говор, Светиот Отец го „покажа“ Исус и Неговите рани пред кои многумина денеска ги затвораат очите. Направи интересен спој на Евхаристискиот Исус на кого Му се поклонуваме на олтарот и присутниот Исус во страдањата на овие луѓе. Спонтан говор на Папата беше многу едноставна катехеза од која беше видливо дека е истиот Исус и на олтарот и на оние во потреба. Се послужи со епизода од Евангелието во која на двајца нажалени ученици им се придружува Исус и на крајот од патот им се открива преку раните и преку кршењето на лебот. Тоа е еден и ист Исус. Го препознаваме ли и ние истиот Исус на олтарот и „на теренот“, во раните на отфрлените, оставените, болните?! Тие рани „се слушаат“ на друг начин од вестите. Тие се слушаат со срцето. И затоа, христијанинот кој го бара Исус мора да ги допре тие рани, а не само да го „гледа“ Лебот на олтарот. Папата забележи дека денешното општество е затруено со „културата на отфрлање“, а нејзини жртви се најслабите, најкревките. И затоа во пишаниот говор предупреди: „Потребно е да се стават во средиште на општественото и политичко внимание лицата кои се во најнеповолни ситуации“! Примерот за грижа за лицата со посебни потреби и болни во Асизи го искористи како на светот би му покажал „опиплива љубов“ и повика: „Умножете ги делата на културата на прифаќање, дела вдахновени пред сè со длабока христијанска љубов, љубов кон Христос Распнатиот, Христовото тело, дела во кои се соединуваат професионалноста, стручноста и праведно платената работа, со волонтерството, тоа скапоцено богатство. Да им се служи со лубов и нежност на лицата на кои им е потребна толкава помош, ни помага да растеме во човекољубието, бидејќи тие се вистинско богатство на човештвото“.
Црква која служи
Папата Фрањо од првиот ден на својот понтификат сака Црква која служи на луѓето, по примерот на Исус Христос за кого Павле напиша: „Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето“ (Филипјаните 2,6-7). Говорејќи пред штитениците на Каритас во Асизи Папата направи многу симпатична споредба за оние кои би сакале некоја лесна (light) верзија на христијанството, без крст. „И што ќе биде тогаш? Ќе станеме христијани од слаткарница, како убави торти или слатки колачи. Убави, ама не вистински христијани“! Културата на прифаќање се гради со верноста кон Христос и со успешно спротивставување на духот на световноста кој е најголема опасност за секој член на Црквата, бидејќи „световноста нѐ доведува до испразност, суета, гордост. И тоа е еден идол, тоа не е Бог. А идолопоклонството е најголем грев“! Говорот за влијанието на духот на световноста папата Фрањо го заостри пред крајот нарекувајќи го „смртоносен став“ кој ја „усмртува душата“, ја „убива личноста“, ја „убива Црквата“! Папата е свесен дека многумина се воодушевени од светиот Фрањо, со задоволство зборуваат за него како посакуван пример. Но, колку луѓе се навистина спремни да бидат како свети Фрањо? Тој беше градител на мирот, ги сакаше лепрозните, сиромашните, сето создадено. А од каде на него тој дар на љубов и мир? Од блиската поврзаност со Христос. Христос пак, е оној кој служи. И така се враќаме на Црквата во која, како тоа беше видливо во Асизи, постојат охрабрувачки примери на служење на оние во потреба. Но, во Црквата постои и друга страна со која папата Фрањо токму оваа есен се „пресметува“. (…)
Теологија на Божјата нежност
Во однос спрема светот создава посебна теологија на Божјата нежност. Многумина пак, ќе приговорат дека од нежност не се живее. Точно, но сепак секому му годи чувството дека е сакан, прифатен. Папата Фрањо само го применува тоа што сам го доживеал: „Јас сум грешник кого Господ го погледна“, што е трајно забележано во неговото гесло: „Му се смилува и го погледна“. Затоа е и неговиот говор за Црква која прифаќа, а не отфрла, логичен продолжеток на личното искуство: „Јасно гледам дека на Црквата денеска најмногу ѝ е потребна способност да ги лечи раните и да ги грее срцата на верниците, близина, блискост. Ја гледам Црквата како полска болница после битка. Бескорисно е да прашаш тешко ранет има ли холестерол или висок шеќер! Треба да се лечат раните. Тогаш ќе можеме да разговараме за сè друго. Да се лечат раните… и треба да се почне одозгора“. Така правеше Исус. Не проповедаше само. Неговото поучување поминуваше низ раните на современиците. Вклучуваше грижлива и конкретна љубов за ближните. Се сеќавате ли како се случи првото чудо? Најпрво од незгодна ситуација ги спаси сватовите во Кана Галилејска (сп.. Иван 2), а дури покасно дојде катехезата за неразрешливоста на бракот. И во евангелието по Марко неговото поучување во синагогата го пратеше и чудото на изгонување на нечистиот дух (сп.. Марко 1,21). „Културата на прифаќање“ која започна со Исус Христос значи вистински интерес за човекот, сопатништво со него. Папата Фрањо верува дека таква култура е можна и дека таа ќе ја победи чумата на нашето време, „културата на отфрлање“.
Извор: Лаудато
Автор: Тања Попец/Превод: С.С.