Колку од своите моменти сме можеле да ги поклониме на Господа, а не сме го направивле тоа? Кои се тие крадци на светите моменти и дали за нив сме свесни?
Во зависност од работата, факултетот, семејството, здравствената состојба и останато, некои можат да одат на утрински божиќни Литургии, а некои пак и покрај желбата, се спречени. На некои пак им преостануваат светите литургии во текот на денот или пак само за викендите, дури и во оваа време на Божиќниот пост. Останатите пак кои копнеат, а навистина се оневозможени за често да го примаат Бог во светата Евхаристија, засолниште и сила им е духовната причест, личната молитва, како и Божјото Слово…
Без разлика во која категорија да се наоѓаме, сигурно имаме крадци на светите моменти, односно го имаме онаа време во денот кое и покрај секојдневните должности и служењето, би можеле да му го подариме на Господа, а не сме го направиле тоа. Премногу време за фејсбук? Премногу долги телефонски разговори? Неколку часа покрај ТВ или серии на интернет, филмови или слична „забава“? Време за мрморење и озборување? Прекувремена работа? Мрзливост при утринското будење, или после попладневниот одмор? Нешто друго? Секој има свое и сигурно некој во текот на читањето веднаш се препознал.
Крадците на светите моменти носат двојно негативни плодови
Секако дека употребата на нашето време не може да биде совршено ефикасно или човечки беспрекорно, но може да биде многу подобро и во поголема мера насочено за слава Божја. Крадците на светите моменти носат двојно негативни плодови. Прво, ни го одземаат времето кое сме можеле да го поминеме со Господ во некој облик на молитва, примајќи ги светите Тајни, во читање, размислување, со духовна музика или филм, или пак само во тишина со Него. Како второ, најчесто дополнително нѐ полни со испразни содржини, ја храни нашата похот, мрзеливоста и присилни мисли, па се чини како да ги потиснуваат нашите духовни сетила. Така, ефектот од нив е како минимум два чекори назад во духовниот живот.
Стремежот за христијанска совршеност во оваа смисла, односно победување на крадците на оние моменти кои можеле да бидат свети, може да се постигне со постепена вежба во крепостите кои со текот на времето, односно со молитвата и истрајноста во усвојувањето на нови свети навики ќе помогнат во намалување на таквите крадци… Секако, поради своите слабости и наклонетоста кон гревот, не дека можеме потполно да ги искорениме, поготово не со некои брзи методи. Токму упорната борба со такви и други, поголеми крадци на моментите и сѐ она што го ставаме на место кое всушност треба на Бог да му припадне, е патот светоста на која сме повикани.
Први чекори на Божјата победа во нашите животи можат да бидат следните…
Ако на пример, сакаме да молиме Бројаница секојдневно, а не успеваме да издвоиме време барем половина час во денот за да ја измолиме, можеме да се обидеме да ја молиме во неколку наврати, односно десетка по десетка во текот на денот. Ако на пример сакаме да имаме утринска молитва, а не успеваме, можеби за почеток е доволно да го поздравиме Господ со свои зборови, да му го предадеме денот и да се заблагодариме, како и да прочитаме Евангелие од денот. Тоа е многу повеќе отколку мрзливо да скокнеме во бурниот ден и личното незадоволство, затоа што не успеавме во собраност да размислуваме тоа утро, на што можеби сѐ уште не сме подготвени. Како и да одлучиме да ја продолжиме борбата со своите слабости, важно е да ги препознаваме и да ги предаваме на Бога, па така постепено со Неговата милост да одиме напред, сѐ поблиску до Него – И Тој ќе не води…
„Откри го патот свој пред Господа и на Него надевај се Он ќе изврши сѐ!“ (Пс. 37, 5)
Жена Врсна/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк