Кој не знае да простува сè уште не ја запознал љубовта
Папата Фрањо ја отвори Светата врата во базиликата Света Марија Велика и ги повика сите „со целосна доверба и без страв да потонат во Божјата љубов“. Истакна дека Марија е слика на она како Црквата треба да пружи прошка на оние кои ја бараат.
Кој не знае да простува сè уште не ја запознал полнината на љубовта – рече папата Фрањо на светата Литургија на 2 јануари на која ја отвори светата врата во базиликата Света Марија Велика. На празникот Марија Богородица, Папата ги повика сите да прибегнат кон Марија мајка на милосрдието и да дозволат со „целосна доверба и без страв да потонат во Божјата љубов“. На крајот на светата Литургија Светиот Отец се помоли пред иконота Salus Populi Romani во една од страничните капели на базиликата и на излезот ги поздрави собраните верници.
Марија е слика на тоа како Црквата треба да пружи прошка на оние кои ја бараат – рече Папата. Мајката на простувањето ја поучува Црквата дека прошката пружена на Голгота не познава граници. Ниту законот со своите хирови, ниту мудроста на овој свет со своите дистинкции не можат да ја спречат. Простувањето на Црквата треба да е толку големо како она кое Исус го дал на крстот и Марија со Него под крстот. Нема друг пат. Заради тоа Светиот Дух ги направил апостолите ефикасни служители на простувањето, за она што е стекнато со Исусовата смрт да дојде до сите луѓе во секој период – рече папата Фрањо.
Кој и да го помине прагот на Светата врата на милосрдието е повикан да потоне во милосрдната љубов на Отецот – продолжи папата. Потсети на верата на многу генерации кои молеле за заговор и утеха до Блажена Дева Марија која е мајка на милосрдието затоа што го носела и родила самото божествено Милосрдие – Исус. Марија нè придружува на нашето животно поклонение и нè не остава сами – посебно не во моментите на несигурност и болка – рече Светиот Отец.
Објасни дека Марија стана мајка на простувањето кога преку Исусовиот пример на крстот можела да им прости на оние кои го убиле нејзиниот невин Син. Исусовите зборови „Оче прости им не знаат што прават“ веројатно се раѓаат од она на што самата Блажена Девица го поучувала кога бил дете – рече папата Фрањо.
Истакна дека силата на простувањето е вистински противотров на жалоста која предизвикува омраза и освета. Простувањето отвора радост и мир затоа што ја ослободува душата од смртни помисли додека омразата и осветата ги распалуваат мислите и го рануваат срцето одземајќи му го мирот. Ги поттикна верниците три пати да ја повикат Блажената Девица со стародревната титула од соборот во Ефес: „Света Богородице!“
Затоа да поминеме низ светата врата на милосрдието сигурни во придружбата и заговорот на Девицата Мајка. Да дозволиме таа да нè следи за да ја откриеме одново убавината на средбата со нејзиниот син Исус. Да ги отвориме ширум своите срца за радоста на прошката – поттикна Папата нагласувајќи дека надежта, милоста и светата радост се „сестри“ и повикувајќи да сфатиме дека Марија давајќи ни го Исус ни подарува прошка која го обновува животот и овозможува да ја вршиме волјата Божја.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк