Концерт во Скопската катедрала по повод кампањата „Едно човечко семејство-храна за сите“

Како дел од кампањата „Едно човечко семејство-храна за сите“ во вторникот на 10 декември во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ Македонскиот Каритас организираше хуманитарен концерт. Концертот беше отворен со обраќањето на Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх, кој воедно е и Претседател на Македонскиот Каритас, а потоа следеше обраќање и на монсињор. Антун Циримотиќ, директор на Македонскиот Каритас. Обајцата ја поздравија оваа кампања и го истакнаа нејзиното огромното значење во денешниот свет во кој гладот е скандалозна и загрижувачка појава.

Потоа следеа настапите на музичарите кои од срце ја прифатија поканата за учество на овој концерт и со својата музика ги повикаа сите луѓе со добра волја да им помогнат на гладните.

На концертот настапија хоровите: Катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ предводен од с. Татјана Атанасова и хорот при Здружението на полјаците во придружба на оргулистката проф. Марија Докузова; Хорот Св. Злата Мегленска под диригентската палка на Летка Полизова; Хорот „Франце Прешерн“ под водство на маестро Томислав Шопов и хорот на Здружението на руски сонародници „Чајка“ под водство на Елена Силјановска. Со легендарната „Молитва“ настапи и познатата пејачка на народни песни Виолета Томовска, овој пат во придружба на хорот Св. Злата Мегленска. Настапи и дуото „Скупи“ во состав – Јета Старова Мехмети (флејта) и Ермаљ Мехмети (виолина).

Специјален гостин на концертот беше маесталниот гитарист Влатко Стефановски кој на својата гитара изведе неколку композиции инспирирани од традиционалниот македонски мелос, а публиката воодушевено го награди со громогласен аплауз.

Концертот беше збогатен со читања на размислувања од блажената Мајка Тереза, блажениот папа Иван Павле II, папа Фрањо и порака од претседателот на Каритас Интернационалис кардинал Оскар Андрес Родригес Марадијага. Овие мисли беа прочитани на македонски, албански, хрватски и англиски јазик. „Аве Марија“ во изведба на Серафина Фантаузо го означи крајот на концертот, а потоа следеше благослов од бискупот Стојанов.

 Е.Абјаниќ

Категорија: Македонија

За авторот