Католици.мк до читателите за Воскресението Христово

Велигден не е обичај, туку настан. И не било каков настан, туку настан на победа над смртта, победа над злото, над гревот. Христијанството не е збир на идеи или морални норми, туку средба со Христос, кој Воскресна. Христијанството израсна од сведоштвото на апостолите, на група луѓе, чиј што животи беа преобразени кога го сретнаа Учителот, жив и воскреснат, а за кога мислеа дека е умрен. Затоа и папата Бенедикт XVI ја прогласи Година на верата, за да ја обновиме нашата вера во Воскреснатиот, а со тоа да го преобразиме и нашиот живот преку средба со Него, со Христос, кој секогаш е со нас, а сепак можеби живее како странец покрај нас!

А живее покрај нас како странец, бидејќи имаме страв од новоста. Но она што остава посебен впечаток кај ликовите од Евангелието кои се сретнуваат со Воскреснатиот Христос, исто така присутен е стравот. Страв од празниот гроб, страв од новоста на Воскресението. Така известува Евангелието од Матеј: кога излегоа брзо од гробот, тие со страв и со голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови. (28,8)

Со таков страв се опфатени учениците кои поради страв од Јудејците ја затворија вратата од салата на Последната вечера. Но Исус ги крши физичките закони, влегува зад затворена врата и им го дарува својот мир (сп. Иван 20,19).

И тој страв, набрзу преминува во радост, и тоа радост која не може да се задржи само за себе, радост која мора да биде споделена и навестена. Но тој премин од страв во радост може да се случи само преку средбата со Воскреснатиот Христос.

Воскреснатиот е секогаш со нас, покрај нас, но ние не го гледаме. Зошто не ни се покажува? Тоа прашање како верници треба да си го поставиме. Зарем тој не е на некоја начин за нас анонимец, или пак можеби странец и сакаме да продолжиме да остане таков за нас до крајот на времињата. Дали станува намерно странец или сепак се работи за нешто друго?

Секако дека Воскреснатиот е недопирлив за нашите човечки способности, но сепак можеме да го препознаеме и сретнеме, без разлика на тоа што временски сме оддалечени од тие настани. Можеме да го сретнеме и препознаеме преку неговото Слово, изговорено од Него, а кое доаѓа до нас преку Неговиот нов начин на постоење. Со своето Слово тој чука на нашата врата, и како ќе дозволиме да ни се приближи, така и ќе го слушнеме како ни говори преку неговата нова димензија на постоење и ќе бидеме во состојба да го препознаеме и сретнеме преку кршењето на лебот (сп. Лука 24, 13-33).

Но, не е возможно да се сретне Воскреснатиот Христос надвор од Црквата. За тоа ни дава пример апостол Тома, кој од страв бега од заедништвото на апостолите, од заедништвото на Црквата и потполно е разочаран од неговиот живот. Но неговото разочарување и неговиот страв, по враќањето во заедништвото со апостолите, каде што единствено било возможно да се сретне со Воскреснатиот Христос, веднаш преку таа средба неговото разочарување преминува во надеж, неговиот страв во радост, неизмерна радост (сп. Иван 20, 19-28).

Така е и со нас: нашите разочарување, Воскреснатиот Христос може да ги претвори во надеж, нашиот страв во радост, нашата смрт во живот.

И токму овие денови Христос те чека да се сретенеш со Него, бидејќи те љуби и не сака да биде за тебе странец. Тој го дава својот живот за тебе, за мене, за секој од нас и тешко дека тоа некој друг ќе го стори за нас (сп. Римјаните 5,6-9). Не чекај, сретни се со Христос, претвори го твојот страв во радост, твојата смрт во живот. „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!” (Ефесјаните 5,14)

Нека Ви е честит и благословен празникот на Христовото Воскресение и Господ изобилно нека ги излие врз вас своите милости.

Христос воскресна – навистина воскресна!

Ви посакува

Католици.мк

За авторот

Write a Comment

<