Кога луѓето започнуваат да го забораваат Бога, тогаш Он во таквите времиња подигнува сведоци кои со својот живот ја потврдуваат вистинитоста на Евангелието. Таков сведок е Карло Акутис, момче од Милано, родено во 1991 година, кое почина на само 15 години. Неговото сведоштво и живот вдахновува многу млади за да го променат својот живот и да бидат носители на евангелската порака во светот.
Карло Акутис, отец Јосиф Алоати и с. Еврозија Алоати доаѓаат од истата почва, од Северна Италија, каде што живеел и свети Дон Боско. Заедничко им е што ги разгорувале срцата на младите за верата. И не е случајно што сите ја градат својата духовност на истата основа, љубов кон Евхаристијата.
Можеме да кажеме дека Карло Акутис е младиот апостол на Евхаристијата. Секојдневно присуствувал на света Литургија, а негови познати зборови, кои овие денови на големо се цитираат гласат: „Евхаристијата е мојот автопат до небото.“
Според човечките мерила неговиот живот не бил спектакуларен. Навидум бил сосема нормално момче, како секое друго дете, ученик, љубител на технологијата, играта, спортот… Но имаше една тајна: Исус во Пресветата Евхаристија беше центарот на неговиот живот. Со својата љубов кон Евхаристискиот Исус и младешкиот жар, Карло направи дигитална збирка за сите евхаристиски чуда во светот, покажувајќи и докажувајќи дека Бог и денес е жив и е реално присутен меѓу нас.
Карло живееше, во ова наше дигитално време, полно со предизвици. Но не дозволи да биде зафатен со духовна рамнодушност и брз начин на живот. Затоа новиот светец на Црквата, светецот во патики, фармерки и тренерки нè предизвикува: Светоста е можна и во денешно време.
Позната е неговата изрека: „Сите се раѓаат оригинали, но многумина умираат копии.“ Младите се повикани да бидат оригинали во верата. Да ја стават Евхаристијата во центарот на животот, како што направи Карло. Точно е, светец не се раѓа, туку се станува. Но не без Евхаристијата, не без неделната света Литургија, не без Евхаристиско обожавање.
Ако Карло можеше, зошто да не можете вие? Македонија чека свои нови сведоци, нов Јосиф Алоати, нова Еврозија, нов Карло. Господ денес бара млади луѓе кои ќе го запалат огнот на верата, ќе ги вдахноват врсниците и ќе го носат Христос таму каде што најмногу е потребен.
Црквата нè потсетува дека светоста не е резервирана само за „некои“. Светоста е повик до сите. А Карло е доказ дека во дигиталниот свет, со интернет и мобилни телефони, можеш да живееш радикално за Христос и да ги запознаеш другите со Христос во дигиталниот свет.
Свети Карло, отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати нè учат дека животот има смисла само кога Евхаристискиот Исус е во неговиот центар. Македонија ве чека. Црквата ве чека. Христос ве чека. Евхаристијата нека биде и вашиот автопат до небото.
го*ко