Кардинал Турксон за Светскиот ден на мигранти и бегалци

Кардинал Турксон за Светскиот ден на мигранти и бегалци

На 15 јануари Црквата го слави 103 Светски ден на мигранти и бегалци, а неговата тема оваа година гласи „Малолетните мигранти, ранливи и без глас.“

Во пораката за тој ден папата Фрањо ги повикува христијанските заедници и целото граѓанско општество да дадат одговор на драмата на милиони деца и млади кои во бегство од војните, насилството, сиромаштвото и природните непогоди често вовлечени од општиот тек на миграцијата се сами без придружба на возрасните.

Со спомнатата тема – како што е објаснето во соопштението на Папскиот совет за душогрижништво на мигрантите и бегалците – Светиот Отец сака да го привлече вниманието за најмалите меѓу малите. Децата често сами стигнуваат на дестинацијата, но не се во состојба да дадат да се слушне нивниот глас и лесно стануваат жртви на тешките кршења на човековите права – е истакнато во соопштението.

Одбележувањето на овој ден своите почетоци ги има во окружното писмо насловено „Жалост и загриженост“ кое Светата конгрегација на конзисториумот на 6 декември 1914 година го испраќа на италијанските епископи. Во него за прв пат е изнесено барањето за востановувањето на еден ден во годината посветен за сензибилизација на појавата миграција и поттикнување за собирање прилози за пасторална работа со италијанските емигранти и за образование на мисионерите за миграција. Последицата од тоа писмо било одбележувањето на првиот Светски ден на мигранти и бегалци одржан на 21 февруари 1915 година.

Осврнувајќи се во разговор за Радио Ватикан на предизвиците кои проблемот со миграцијата ги поставува пред Црквата, кардинал Петер Турксон претседател на Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој, истакна дека сите теми поврзани со миграцијата се предизвик за Црквата, за верата, за христијанството и за самото човечко битие. Ако толку говориме за достоинството на човекот, тогаш токму задачата на Црквата е да направи тоа достоинство да се почитува во сите ситуации и услови.

Желбата на Црквата е сите луѓе да живеат во мир во местата на потекло– истакна кардиналот – за да растат во достоинството и како Божји созданија создадени на Негова слика. Меѓутоа од било која причина миграцијата стана појава која ги искушува и децата, значи дека се наоѓаме пред проблем кој станува уште посериозен и сите треба да станеме свесни за тоа – рече кардинал Турксон.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот