Без милосрдие, светот нема да види правда, вистина, љубов и мир. Изберете милосрдие. Ширете го милосрдието. Живо милосрдие, истакна кардиналот Тагле
Со Повик за милосрдие, помирување и простување во светот кој копнее по мир беше одбележана посетата на про-префектот на Дикастеријата за евангелизација, кардиналот Луис Антонио Тагле, кој во саботата, 3 август 2024 година, ја предводеше прославата на инаугурацијата на Простување во градот Бибионе во италијанската бискупија Конкордија-Порденоне.
Посетата на кардиналот беше мотивирана и од комеморацијата на кардиналот Селсо Костантини, првиот апостолски делегат во Кина и секретар на Propaganda Fide, кој беше погребан во бискупијата од каде што доаѓа.
Отворање на вратата на простувањето
Пречекан и придружуван од дијацезанскиот бискуп Џузепе Пелегрини, кардиналот Тагле ја отвори вратата на простувањето и влезе прв, носејќи го Евангелието, а по него влегоза останатите. Потоа, го предводеше евхариското славење во сослужение на бројни локални свештеници, гости и соработници во летниот пасторал во познатото летувалиште на брегот Венето.
Поаѓајќи од ликот на Костантини, кардиналот Тагле го разви своето размислување, потсетувајќи се на неговата „верност на Евангелието на милосрдието“ и на неговата „мисионерска ревност“ кои и денес вдахновуваат. Кардиналот потоа се фокусираше на литургиските читања, од кои секое покажува еден аспект на Божото милосрдие. „На нашиот свет очајно му е потребно милосрдие, помирување и простување кои водат кон мир. Само Бог може да ги даде овие дарови“, рече кардинал Тагле.
Сведоци и орудие на милосрдието
„Ние, Исусовите ученици, сме повикани не само да бидеме приматели на Божјото милосрдие, туку и да бидеме негови автентични сведоци и орудија“, посочи кардиналот. „Добивме толку многу милост од Бога, и треба да се обидеме да излееме барем мал дел врз нашите браќа и сестри“.
Осврнувајќи се наназад на секојдневниот живот, про-префектот на Дикастеријата за евангелизација поттикна на испит на совеста. „Како се однесуваме со луѓето кои се соочуваат со бури и сомнежи во животот? Со загриженост или рамнодушност? Како се соочуваме со младите луѓе и критичарите кои се сомневаат во нас и ги доведуваат во прашање нашите позиции? Со понизност или со одмаздничка гордост? Како реагираме на молбите за помош од болните, старите, бегалците и оние кои се различни од нас? Со емпатија или со глуво уво? Да учиме од Исус“, поттикна про-префектот на Дикастеријта за евангелизација.
Правило на животот
„Божјото милосрдие треба да биде правило на живот во христијанските семејства и заедници, како и во односите меѓу народите. Замислете свет во кој оние што прават грешки се поправаат со милосрдие, а не се осудуваат и уништуваат. Замислете свет во кој послабите се поддржани, а не манипулирани. Замислете свет во кој дијалогот преовладува над одмаздата. Замислете свет во кој секој придонесува за благосостојбата на сите наместо да бара личен интерес. Без милосрдие, светот нема да види правда, вистина, љубов и мир. Изберете милосрдие. Ширете милосрдие. Живо милосрдие“, повика кардинал Тагле.
Ватикан њуз/к.мк