Кардиналот Паролин се сретна со верниците во Струмица

Во попладневните часови во сабота 19 март 2016 година во Катедралата „Успение на Пресвата Богородица“ во Струмица кардиналот Паролин, придружуван од месниот епископ монс. Стојанов и Апостолскиот нунциј во Република Македонија Анселмо Гвидо Пекорари, се сретна со верниците од Апостолскиот егзархат во Македонија. На средбата присуствуваа свештеници, чесни сестри, претставници на верските заедници, амбасадорот на Република Македонија во Светиот Престол, како и бројни верници.

Во преполната катедрала епископот Стојанов поздравувајќи го Државниот секретар, кардинал Паролин се заблагодари што и покрај неговите бројни обврски најде време да ја посети католичката заедница која пред повеќе од 100 години се истерани од своите вековни огништа. При тоа тој нагласи дека „нашите предци со задоволство избрале избеглиштво и прогонство за да ја сочуваат својата вера.“

Во продложение на своето обраќање епископот Стојанов го истакна 150 годишниот јубилеј од Кукушката унија во 2009 година и потенцира: Благодарејќи токму на Петровиот престол и грижата на Универзалната црква, Вие сте денес во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“, која како Мајка на Црквите ги собира верниците од византиски обред овде во Центарот на Апостолскиот Егзархат.

Епископот Стојанов го замоли кардинал Паролин да ги пренесе поздравите на „Светиот Отец и на Вашите соработници да ние повторно во оваа година на Божјото милосрдие како на Највисокиот претставник на Светиот Престол ја исповедуваме и потврдуваме својата припадност кон една, света, католичка и апостолска црква за кое исповедување нашите предци жртвуваа животи но и својата древна татковина.“

Владиката Стојанов посака оваа посета и покрај тоа што е кратка да ги зацврсти верниците во верата и одлучноста и понатаму да напредуваат сведочејќи ја својата вера во заедништво со Светата Апостолска црква, истакнувајќи ја соработката, тоелранцијата и диајологот со другите и поинаквите.

Откако епископот Стојанов го заврши својот поздравен говор кардинал Паролин да се обрати до верниците при што Државниот секретар на Ватикан, искажувајќи благодарност до Н.В.П. монсињор Киро Стојанов за неговата покана ги пренесе поздравите и близината на Светиот Отец, папата Фрањо и продолжи:

„Оваа земја, место на средба меѓу различни култури, народи и религии, раскрсница меѓу Истокот и Западот, поседува христијанска традиција која датира уште од апостолски времиња. Во текот на милениумската историја, богата со вера, вашата вредна католичка заедница знаеше да развие и зачува една поздравувачка етика на мирен соживот, на дијалог и на солидарност меѓу културите. Во овој момент, обележан од културниот и религиозниот плурализам, социјалните и политичките прашања, често големи, комплексни и тешки за решавање, ја прават иднината на многу народи нејасна и немирна. Во таа ситуација да не ја изгубиме никогаш верата во Христос, Тој го познава срцето на на човекот, само Тој може да ги задоволи во потполност неговите потреби.

Говорејќи за Источните Цркви кардиналот Паролин истакна: Источните цркви отсекогаш се карактеризирале како носителки на големи духовни богатства. Доволно е да помислиме на прекрасното наследство од литургиски обреди на вашата Католичка Црква од византиски обред, на кое Универзалната црква гледа со благодарност.

Секоја година вашиот народ обновува една многу убава традиција, кога, за време на празникот на светите Кирил и Методиј, според јулијанскиот календар, една цивилна и религиозна делегација од вашата земја, го посетува Рим и базиликата Свети Климент каде му се поклонуваат на гробот на свети Кирил. Со вера и надеж во Бог, отворени и слободни за делување на Светиот Дух, Кирил и Методиј ги отворија патиштата на Евангелието на новите народи во Европа. Исто како нив и ние сме повикани, во времето во кое живееме, да бидеме, корисни инструменти и ефикасни за делување на Светиот Дух.“

Во продолжение на своето обраќање гo нагласи христијанското послание: Имате апостолска задача да ја сведочите и пренесувате заедно, како глас на една сложна заедница, вашата вера во Воскреснатиот Христос, надеж за светот. Поучени од примерот на светите Кирил и Методиј, кои го навестуваа Христа, секогаш во потрага на единство на верата и љубовта меѓу Црквите, го молиме нивното застапништво за да може Црквата да се манифестира на сите синови Божји, мажи и жени, како „куќа на љубовта“ отворена за прифаќање.

Пред крајот на средбата о. Зоран И. Стојанов, декан и парох во Радово во име на деканатот Свети Кирил и Методиј при Апостолскиот егзархат во Македонија му подари на кардиналот икона на свети Никола.

На крајот од молитвената средба кардинал Паролин на присутните верници го подели Апостолскиот благослов.

За време на средбата пееше катедралниот хор, под доригенство на с. Тереза Стојкова.

к.мк/го*ко

повеќе фотографии:

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот