Објавен е календарот на најважните славења на кои ќе биде присутен Светиот Отец: пасторални посети на пет римски парохии секоја недела почнувајќи од 15 февруари, духовни вежби за време на Велигденскиот пост во Ватикан заедно со Римската курија, обредите во Страсната седмица во базиликата „Свети Петар“ и обредите на Велики четврток во базиликата „Свети Иван“ во Латеран.
Канцеларијата за литургиски прослави на Светиот Престол го објави календарот на литургиски славења, кои папата Лав XIV ќе ги предводи до Велигден. Римскиот бискуп ќе покаже посебно внимание на верниците од својата бискупија преку пасторални посети на пет римски парохии, закажани за секоја недела од 15 февруари до 15 март. Присуството на Папата во областите на римската периферија ќе биде испреплетено со неговото учество во духовните вежби за време на Велигденскиот пост и обредите на Страсната седмица кои ќе ги предводи во базиликата „Свети Петар“, додека обредот на Велики Четврток ќе се одржи во базиликата „Свети Иван“ во Латеран.
Посети на римски парохии
Посетите на парохиите во Рим ќе се одржат со евхаристиско славење во 17:00 часот, предводено од Папата, освен на 22 февруари, кога ќе служи света Литургија во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во областа Кастро Преторио (во близина на станицата Термини) во 9:00 часот наутро. Првата средба ќе биде на парохијата „Света Марија Царица на мирот“ на 15 февруари во областа Остија Лидо. На 1 март е планирана посета на парохијата „Вознесение на нашиот Господ Исус Христос“ во областа Алесандрино, на 8 март на парохијата „Света Марија од Објавата“ во областа Торевекија и на 15 март на парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во областа Понте Мамоло.
Духовни вежби
Почетокот на Великиот пост ќе биде означен на 18 февруари со света Литургија, која че ја служи Светиот Отец во базиликата Санта Сабина на Авентинскиот рид во Рим, на која ќе претходат Крстнииот пат и покајничка поворка од блиската црква Сан Анселмо. Како што е вообичаено, во Великиот пост е наменето и за духовни вежби во кои папата Лав XIV ќе учествува заедно со Римската курија, а кои ќе се одржат во Апостолската палата од 22 до 27 февруари.
Велигденски тридуум
По Цветници, која ќе се прослави на 29 март на плоштадот „Свети Петар“, ќе започнат славењата за Велигденскиот тридуум. На Велики Четврток, во базиликата „Свети Петар“ наутро ќе се служи света Литургија со осветување на мир, додека навечер Петровиот наследник ќе ја предводи светата Литургија во базиликата „Свети Иван“ во Латеран. На Велики Петок, обредите на страдањата Господови ќе се одржат во ватиканската базилика во 17:00 часот, а тој ден, традиционалниот Крстен пат (Via Crucis) во римскиот Колосеум е закажан за 21:15 часот. На Велика Сабота, во базиликата „Свети Петар“ во 21:00 часот ќе се служи велигденско бдение, со кое верниците ќе влезат во светата ноќ пред Велигден, додека на Велигденска недела, светата Литургија ќе се служи во 10:15 часот на плоштадот „Свети Петар“, со благослов „Urbi et orbi“ – „До градот и светот“ – што папата Лав XIV ќе го даде напладне од централната ложа на базиликата „Свети Петар“.
Ватикан њуз/к.мк

