Како се живее свршувачката!?
Млада читателка пишува дека една моја реченица посебно ја шокирала: „Вистински свршеници се оние кои своето свршеништво го живеат во чистота“. Читателката е испровоцирана: „Воопшто не се согласувам. Никој не може да суди. Двојката се развива пред Божјиот поглед и нема никаква судбина која двојката би ја осудила на тоа да не може да се сака. Мислите ли дека сите веднаш го наоѓаат избраникот на своето срце? Љубовта се живее и учи во адолесценцијата.“
Во секојдневниот говор зборовите „свршувачка“ и „свршеници“ ја изгубиле својата изворна смисла. Голем број на свршеници веќе живеат заедно, а кога момчето ќе ја претстави девојката како своја свршеничка, тие веќе се љубовници. Ова не е осуда, туку објективна констатција. За речиси сите наши современици свршувачката значи период на заеднички живот кој му предходи на бракот, и тоа во таа мера што не можат да замислат дека свршениците би можеле да ја чекаат венчавката за да стапат во телесни односи. Потребно е подетално да објасниме што мислиме кога велиме „свршеници“.
Ако кажеме дека „вистинските свршеници“ се оние кои своето свршеништво го живеат во чистота, тоа не значи дека мислиме свршениците кои веќе живеат заедно „нема да бидат способни да љубат“. Тоа едноставно значи дека на зборовите им го враќаме нивното вистинско значење со цел на свршеништвото да му се врати целосноста на содржината. Во односот на Светата Тајна брак, свршеништвото е многу прецизна стварност која не е поврзана со младешкиот заеднички живот, љубовништвото и брачниот опит. Ако многу идни сопружници решат да живеат заедно пред бракот, тоа не значи дека се жртви на некаква „судбина“: Божјото милосрдие грешникот никогаш не го сведува на неговиот грев. Но сепак, треба – пливајќи против струјата која не опкружува – смело да се каже дека живеењето заедно пред венчавката не значи „додаток“ туку „губиток“.
Зошто да се чека венчавка за да се живее заедно? Сите вљубени добро знаат дека соединувањето на срцата бара и соединување на телата. Зошто да се скратува тоа соединување ако постои љубов? Можеме да одговориме: затоа што Бог така сака. Тој одговор е нужен и доволен за оние кои сакаат пред се да биде Божјата волја „како на небото, така и на земјата“. Да се сака она што Бог го сака не значи дека не треба да се проба да се сфати, па макар само затоа да може јасно да се раздвои во која мера Божјата волја тежнее за поголема човечка среќа.
„Дарот на телото во половиот однос е навистина вистински симбол на дарување на целата личност.“ Ако не постојат сите потребни услови за целосно и конечно дарување – а тие постојат само во бракот – дарувањето на телото во сексуалното соединување е искривено, скратено му е неговото длабоко значење. Освен тоа, „прераните сексуални односи ја ослабуваат двојката во самиот момент на нејзиното основање. (…)
Секусалните односи, иако донесуваат задоволство, можат да прекриваат длабоки несогласувања; тие можат да прекријат неискажани конфликти, но тоа нема да ги реши. Совладувањето на себе си на сексуален план, напротив, ќе биде помош за средба со партнерот на подлабоко ниво, во она по што е единствен. Раздвоеноста пред венчавањето помеѓу самата сексуална желба и нејзиното остварување отвора простор за збор, за љубовен говор, за нежност. Таа раздвоеност овозможува желбата да не се сведе на потреба и личноста да не се сведе на потрошувачки предмет.“
Кога одредено однесување ќе стане пракса за повеќето, тоа се смета за нормално. Свршениците кои денес се одлучуваат да не влезат во сексуални односи изгледаат целосно надвор од своето време. Многу наши современици воопшто не се придржуваат до тој вид на свршеништво. Но сепак, „вистински свршеници“ постојат и нивното сведоштво е актуелно како никогаш до сега. Нивната одлука дека ќе чекаат венчавка за телесно да се соединат не значи дека мислат дека се подобри од останатите, туку на тој начин ја сведочат Надежта во која живеат. Тие не се остатоци од минатите времиња, туку пророци на цивилизацијата на љубовта.
(превод: Е.А.)
Кристин Понсард
Превземено од книгата „Верата во семејството“ – Вербум