Како ефикасно да управуваме со времето?
(…) Времето е едно од најдоброто и најкористеното алиби и оправдување за не завршена работа или за нешто на што не сме му посветиле доволно внимание. „Немав време…“ Колку вакви изговори сме се наслушале во текот на животот? Зарем и самите често не кажуваме вакви реченици? Секако постојат ситуации во кои реалноста била таква што некои други содржини, работи, обврски го исполниле нашиот дневен ред. Но, постои и она друга реалност која ја опишува една изрека: „Кој сака пронаоѓа начин, а кој не сака пронаоѓа изговор.“ Ако се обидеме да побараме одговор на прашањето можеме ли и како ефикасно да управуваме со своето време, ќе пронајдеме прилично голем број на извори. Главно работата се сведува на неколку клучни чекори: Постави приоритети. Постави цели. Планирај. Постави рокови. Успешно избегнувај го „јадачот на времето“ (научи да кажеш НЕ!). Но зошто тоа е толку тешко да се внесе во животот? И зошто на крајот на краиштата ова би требала да биде една тема за нас христијаните?
Постави приоритети
Обидете се накратко пред да продолжите да го читате овој текст да размислите како ви изгледа вашиот вообичаен ден. Од тие слики како изгледаат нашите денови можеме прилично јасно да прочитаме што се и кои се нашите приоритети. Кога ќе ги прашате луѓето да ви кажат што им е најважно во живототи после тоа да ви раскажат како изгледа нивниот ден, веројатно би воочиле отстапувања. Тешко некој кој често во вечерните часови се дружи со пријателите во кафулињата да ви објасни дека семејството му е на прво место. Оној кому семејството му е на прво место веројатно би раскажал дека навечер времето го поминува дома, смислувајќи некој настан за своето семејство, некоја средба, игра, молитва. Нашето време знаеме да го „потрошиме“ на работи кои не се важни, кои не се приоритетни. А времето за нас христијаните е посебно важно, свето. Нашите деца брзо растат. Но колку татковска или мајчинска близина понеле во животот, колку убави спомени, тоа навистина зависи и од нас родителите. Зависи од тоа како управуваме со времето. Затоа е важно да се постават приоритети. Што е мој приоритет? Што ми е навистина важно?
Постави цели
Тешко е да работиме било што ако не знаеме која е целта, каде одиме, каде сме тргнале. Затоа е добро да поставиме некои цели кои произлегуваат од приоритетите. Ако на пример ми е важно заедништвото со Господ тогаш треба да пронајдам и да одвојам време за Господ, за молитвата. Ќе си поставам цел секој ден да одвојам време за молитва. Ако ми е важен мојот брак и односот со брачниот другар да биде длабок, исполнет со љубов тогаш треба да вложам време тоа да се оствари. На пример ќе си поставам цел оваа година да одвојам термин за брачна духовна обнова. На дневно ниво цел на пример може да биде секоја вечер да одвојам барем половина час за разговор со брачниот другар. Еден брачен пар кој имал многу тежок дневен распоред исполнет со работа ми раскажа како одлучиле да се будат еден час порано и секое утро да го започнат денот со заедничка молитва и кафе на терасата. Кажаа дека тоа го одржало нивниот брак и дека и ден денес чувствуваат жива љубов. Секако оној другиот секогаш препознава кога ни е важен, кога за него сме резервирале и посветиле време.
Планирај и постави рокови
Секако можеме да имаме повеќе приоритети. Како на дневно така и на месечно или годишно ниво. Исто така можеме да имаме поголем број цели. Затоа е важно да планираме. Да ги претвориме целите во конкретни активности, а активностите да ги подредиме во дневен распоред. Ако целта била секоја вечер да одвојам еден час време за брачниот другар, за разговор тогаш тој час треба да го вклопам во распоредот. Во сите дневни работи корисно е да се постават рокови. Роковите и почитувањето на роковите ќе ни помогнат активностите да не се „растегнат“ и да го одземат времето на оние кои следуваат. Можеби понекогаш сите алишта нема да бидат испеглани, можеби целата работа нема да биде завршена, но сепак сите оние кои после тие работи нè чекаат ќе ја добијат нашата близна и љубов.
Успешно избегнувајте ги „јадачите на времето“ (научете да кажете НЕ!)
Ова е можеби клучната фаза во управувањето со времето. Навистина не користи многу ако сме го испланирале целиот ден, а потоа „запнеме“ во некој непотребен разговор или на кафе па се доведеме во ситуација повеќе да не можеме да го остваруваме планираното. Секако секогаш некој на крајот ќе трпи заради тоа изгубено време. Овде е важно да научиме да кажеме „Не.“ Во текот на денот можеби пријателите ќе нè повикаат да се дружиме навечер, но ако сме го планирале времето за учење со детето тогаш треба пристојно да го одбиеме тоа дружење и да се обидеме да го планираме за некое друго време. Нашите деца не би смееле да ги добиваат „краиштата“ на нашето време. Еден пријател ми кажа дека во својот распоред на обврски играњето со синот почнал да го запишува со иста важност како деловниот состанок. И ако некој побарал деловен состанок, тој би го одбил со образложение дека е зафатен. Неговиот син секако почувствувал благослов затоа што неговиот татко започнал да го планира своето време. Секако затоа што е добро планирано и управувано времето има доволно време и за сè друго.
Да се биде христијанин, да се биде „Христов ученик“ подразбира дека таа реалност треба да се препознава во важните содржини на нашиот живот. Управувањето со времето е важно за нас христијаните затоа што сме повикани времето кое ни е дарувано да го исполниме со добри дела и животот да ни биде плодоносен. Во сето тоа секогаш ќе постојат искушенија и неволји. „Таткото на лагата“ ќе се обидува да го истиснува од нашите распореди она што нè посветува, она што нè приближува до Господ. Ќе ни подметнува содржини кои не користат, кои го уништуваат нашиот живот. Но треба да се биде упорен. Во сето тоа од голема помош е духовното водство. Затоа што овде не се работи само за менаџерски вештини, туку за уредување на нашиот живот. Времето е најскапоцениот ресурс кој ни е подарен! И кога сето друго ќе го снема ќе остане вечноста. Наше е да се избориме за вечното заедништво со Господ. Нека на овој пат нè застапува Царицата на мирот!
К. Милетиќ/Гласник Мира/Д.И.