Во прочуената париска катедрала исполнета со светлина, папата Лав XIV ја служеше Вечерната богослужба и ја повика Црквата во Франција, како и самиот Нотр Дам, повторно да се роди.
Светлина го исполнуваше Нотр Дам додека папата Лав XIV ја служеше Вечерната богослужба во една од најпознатите катедрали.
Се чинеше како особено соодветна прослава за обновената базилика, место на молитва и препознатлив симбол на Ville Lumière, „Градот на светлината“, која беше тешко оштетена во пожарот на 15 април 2019 година.
Тогаш драматичните снимки од катедралата обвиена во пламен и од луѓето кои се молеа на улиците додека огнот ја зафаќаше зградата го обиколија светот преку медиумите и социјалните мрежи.
Денес, Црквата во Франција повторно се собра во Нотр Дам. Овојпат не во тага, туку во радост, бидејќи Папата ја посети катедралата и ја служеше Вечерната, речиси две години по нејзиното повторно отворање во декември 2024 година, по долгиот и внимателен процес на реставрација.
Додека сончевите зраци минуваа низ витражите, шарените отсјаи полека се движеа по ѕидовите на катедралата. Оргулите одекнуваа, хорот пееше, а епископи, свештеници, богопосветени лица, семинаристи и други членови на Црквата во Франција свечено се молеа заедно со Петровиот наследник.
Пред почетокот на Вечерната, папата Лав XIV се поклони пред моштите од Трновиот венец, кој, според Евангелието, бил ставен на Христовата глава за време на Неговите страдања, знак на Неговото страдање и жртва пред Воскресението.
„Собрани сме на вечерна молитва на ова место кое, повеќе од кое било друго, со векови ги повикува жителите на Париз да ги кренат своите очи кон небото“, рече Папата во својата проповед.
Осврнувајќи се на пожарот од 2019 година, тој продолжи:
„И ние тогаш гледавме со вознемиреност, свесни колку човекот е немоќен пред непредвиденото.“
„Во тој трагичен момент сфативме дека Нотр Дам е многу повеќе од споменик. Заедничкиот напор за нејзина обнова и убавината на постигнатиот резултат откриваат дека тука чука срцето на еден народ и дека стоиме во живиот центар на една цивилизација, каде што минатото и иднината се прегрнуваат, каде што небото и земјата се среќаваат.“
На крајот од својата проповед, папата Лав XIV ја охрабри Црквата во Франција да биде „жив камен на Црква која се надева и не се плаши од иднината“.
„Оваа катедрала е преродена за и вие да се преродите со неа, во нов поттик кон светоста и секојдневната мисија“, рече тој.
Светиот Отец ги повика присутните Божјата љубов да ја носат до секој човек, љубов која има сила да ги преобрази животите и срцата, да ги исцели најдлабоките рани и од темнината на пепелта повторно да извлече светлина.
„Да ги кренеме очите кон статуата на Богородица со Детето од XIV век, која остана недопрена од огнот и сега повторно свети пред нас“, рече Папата.
Ватикан њуз/к.мк
