Опширното интервју кое папата Фрањо го даде на 11 август за ТВИ/CNN Португалија беше објавено во целост во понеделник вечерта на 5 септември 2022 година. Меѓу темите за кои се разговараше беа Светскиот ден на младите 2023 година, војната во Украина, улогата на жената во Црквата…
Дијалогот е тежок, но само преку дијалог, кој се учи во семејството, може да се оди напред. Тоа значи да се остави инстинктот настрана и да се слуша; оние кои имаат само чист инстинкт, како животните, не знаат да дијалогизираат – рече Папата, говорејќи за војната во Украина, во интервју дадено за Марија Жоао Авилез на 11 август на телевизискиот канал TVI/CNN Португалија , во кое соопшти дека следниот ден, 12 август ќе има телефонски разговор со украинскиот претседател Зеленски.
На прашањето за евентуалното патување во Киев, со оглед на неговите потешкотии при патувањето, Светиот Отец го пренесе советот од лекарите даден овие денови до посетата на Казахстан, која е на програмата од 13 до 15 септември: „Не можам сега да одам, бидејќи по патувањето во Канада, закрепнувањето на коленото е малку потешко и лекарите ми забранјаи патувања“. Но, што се однесува до војната, Папата постојано се интересира. Со тага и молитва следам сè што можам. Но, ситуацијата е навистина трагична – рече Папата и потсети дека испратил тројца свои претставници во Киев за да се почувствува неговото присуство.
Младите на Светскиот ден на младите – слушнете ја нивната креативност
Голем дел од интервјуто е посветен на младите и подготовката за Светскиот ден на младите, кој ќе се одржи во Португалија во август 2023 година. Папата Фрањо во шега го вети присуство на Папата на тој настан. Мислам дека ќе одам. Папата ќе оди. Или Фрањо или Иван XXIV ќе оди, но Папата ќе оди – рече тој. Светскиот ден на младите е и можност за помирување, во тежок момент за Црквата во Португалија, поради злоупотреба. Папата затоа повторно ја истакна близината и дијалогот. На крајот ги пофали младите за нивната креативност, а ја истакна потребата младите да бидат слушнати и да им се дадат одговори.
Потоа ја спомена средбата во Рим, со млади луѓе од различни јазици и потекло, но и од различни вери; нивната спонтаност е секогаш богатство дури и кога тие напаѓаат или критикуваат искрено, но никогаш лицемерно. Дијалогот меѓу генерациите е суштински за нивниот раст. Папата Фрањо уште еднаш повторува дека иднината тргнува од корените и го споменува Светскиот ден на младите како момент на помирување со националната црква; со близината има и дијалог, а таму може да вметне и помирувањето, рече Папата.
Фатима, Богородица на тишината
Папата е поврзан и со Португалија поради неговата посветеност на Богородица Фатимска, Богородица на тишината, како што ја нарече, спомнувајќи си на маријанската побожност добиена во семејството, а со тоа и на молитвата Бројаница, која ја практикува од детството. Оттука призлегува и личниот начин на молитва на Папата, кој исто така предизвикува – како што рече – растресеност. Но, Бог не е расеан и тоа ме теши – истакна тој и додаде: Да се молиш значи да бидеш во присуство на Бога и да му дозволиш да зборува. Така, слободата е суштинска компонента и доверба во она што Светиот Дух го вдахнува, а тоа е хармонијата и животот.
Литургиска реформа и отворање на Црквата за жените
Папата потоа се осврна на реформите во Црквата – со Моту проприо Traditions Custodes и Апостолското писмо Desiderio desideravi – и за улогата на жената. Светиот Отец повторно истакна дека Литургијата, која е големо дело на Црквата во поклонувањето и славењето на Бога, треба добро да се слави и затоа треба да има ред. Што се однесува до присуството на жените во различни средини, во Куријата, како и во Управата на државата Ватикан, тој објасни дека не се работи за феминистичка мода, туку за чин на правда, бидејќи жените културолошки се ставени настрана. Сите крстени имаат право да направат нешто за Црквата – истакна тој. Таму место имаат сите крстени. Тоа е нешто што јас не го измислив, но постои 20 или 30 години и полека се спроведува.
Жените ги прават работите на поинаков начин, затоа што размислуваат на поинаков начин. Покрај тоа, жените се задолжени за извршување на мајчинската карактеристика на Црквата, затоа е добро за изборот на бискупите да има жени кои размислуваат за тоа какви треба да бидат бискупите. Според Папата, жените имаат и Божја карактеристика, а тоа е нежноста. Тој го истакна ова потсетувајќи се кога посети затвор во Буенос Аирес и виде мајки во редици кои чекаат да влезат и да ги посетат своите деца од кои никогаш не се откажаа, бидејќи тие се „тело од нивното тело“. Неговото вдахновение доаѓа од големите женски ликови од Библијата: Јудит, која храбро го брани својот народ и, се разбира, Марија, жена која има сила, женственост и служи.
Радоста на хуморот
Едно од прашањата се однесува и на хуморот, на кое папата Фрањо одговори дека најмногу сака посебна молитва. Повеќе од 40 години се молам за смислата на хуморот на Свети Томас Мор. Ја молат таа молитва. Ја барам таа благодат, за смисла за хумор.
Синодата не е парламент, туку место за расудување
Во интервјуто, Римскиот бискуп се осврна на синодалниот пат по кој тргна Црквата. Тоа не е некој вид парламент, туку место за расудување каде Светиот Дух работи создавајќи хармонија од различностите. Станува збор за пат, кој на самиот почеток го одбележа свети Павле VI, а кој Црквата го учи во последните 50 години. Тоа е пат на кој не недостига поделба, кој ќе се стабилизира дури на крајот и на кој меѓу оние што туркаат напред и оние што одат назад, бискупот како Добар Пастир успева да остане универзален во однос на светиот и верен народ Божји, избегнувајќи го изопаченоста на клерикализмот.
Екуменизам и меѓурелигиски дијалог
На екуменско и меѓурелигиско поле, папата Фрањо уште еднаш истакна дека дијалогот е победничко оружје. Во дијалог, сфатен во смисла на „умешност да се слуша“, а не како игра на рамнотежа, никогаш не се губи и Бог делува – истакна Светиот Отец.
На иднината да се гледа со надеж
Каков е животот на Папата, како ги поминува празниците и од каде добива сила да верува во победата на доброто над злото, како што денес изгледа дека победува, беа темите на крајот од разговорот. Папата го поминува својот летен одмор во Ватикан, читајќи, слушајќи музика и молејќи се. Вагнер и операта се изборот на Папата во деновите кои започнуваат рано, во четири часот наутро, а завршуваат во десет навечер. Силата да се верува во добро доаѓа од Исус, Господарот на историјата. Различните епохи отсекогаш имале предности и недостатоци, тоа се како пченицата и каколот, растат заедно.
На крајот, на барањето на новинарката да каже нешто што би го осветлило патот на Црквата во Португалија во пресрет на Светскиот ден на младите, папата Фрањо одговори: Не се затворајте во себе, гледајте далеку, одржувајте широк хоризонт и проширете го своето срце.
Ватикан њуз/к.мк