Името на свети Иван Крстител не е само лично име. Во него е впишана цела порака. Тоа име го открива неговиот повик, неговото послание и местото што го има во историјата на спасението.
Во црковниот и библискиот говор, во народната и локалната традиција, кај нас најчесто се употребува името често во формата Иван, Ванчо и Јован, Но во суштина станува збор за истото име, кое води потекло од еврејското „Јоханан“, што значи: „Бог е милостив“ или „Господ покажа милост“.
Токму затоа ова име толку му прилега на Крстителот. Тој не е човек што се појавува случајно во Евангелието. Неговото раѓање е плод на Божјо ветување, одговор на молитвата на Захарија и Елисавета, и знак дека Бог не го заборавил својот народ.
Кога архангелот Гавриил му се јавува на Захарија во Храмот, покрај тоа што објавува дека ќе има син, го кажува дури и неговото име. „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молитва е услишана, и твојата жена Елисавета ќе ти роди син, и ќе му го дадеш името Иван“ (Лука 1,13).
Затоа и роднините се зачудиле кога требало детето да го добие името. Според тогашниот обичај, било очекувано синот да го носи името на таткото или на некој од родот. Но Захарија, кој поради своето неверување останал нем, побарал штичка и напишал: „Иван му е името.“ Во тој момент неговата уста се отворила и тој почнал да го благословува Бога.
Оваа сцена открива нешто многу важно. Кога човек ќе го прифати Божјиот план, јазикот повторно станува способен за благослов. Захарија молчел додека се борел со сомнежот, но проговорил кога ја потврдил Божјата волја. Името на детето станало почеток на нова песна, песна на благодарност и пророчко сведоштво.
Во својата песна Захарија објавува дека неговиот син ќе биде пророк на Севишниот, оној што ќе оди пред Господ за да Му ги подготви патиштата. Иван Крстител ќе му даде на народот познание за спасението преку простувањето на гревовите, „заради големата милост на нашиот Бог“.
Тука се открива вистинската смисла на неговото име. Иван е оној што сведочи дека Бог е милостив. Тој го повикува народот на покајание, но не за да го осуди, туку за да го подготви за средба со Христос. Неговата строги зборови се повик човекот да се разбуди, да се врати, да го исправи патот и да го отвори срцето за Спасителот.
Свети Иван Крстител не покажува кон себе. Тој не сака слава за себе. Неговото најголемо достоинство е во тоа што знае да се намали, за Христос да расте. Затоа неговото име, неговиот живот и неговото послание се едно исто сведоштво: Бог доаѓа кај својот народ со милост.
Денешниот човекот лесно го губи чувството за грев, но и надежта во простувањето, токму затоа ликот на свети Иван Крстител е многу важен и актуелен. Тој нè потсетува дека Божјата милост е повик на преобраќање. Бог е милостив, но токму затоа нè повикува да не останеме исти.
Затоа името Иван, не треба да го гледаме само како дел од традицијата или календарот. Тоа е име што нè враќа кон суштината на Евангелието. Бог не го остава човекот. Бог го посетува својот народ. Бог го подготвува патот до човечкото срце.
А свети Иван Крстител стои на тој пат како глас, како пророк и како сведок. Неговото име објавува милост, неговиот живот повикува на покајание, а неговата рака покажува кон Христос, вистинското лице на Божјата љубов.
к.мк

