Драги мој пријателе,
Ти имаш доволно доверба и доволно си понизен со мене да споделиш нешто од тешкотијата која ја доживуваш во текот на молитвата Обожавање – поклонување пред Пресветата Тајна Евхаристија. Му се молам на нашиот Господ да ми овозможи да ти одговорам понизно, мудро со љубов.
Молитвата е духовна борба
Пред сѐ дозволи да ти кажам дека молитвата – секоја молитва – е вистинска духовна борба против склоностите на нашата падната природа. Бог нѐ создаде такви да можеме природно да молиме: да молиме со секој здив и со секое отчукување на срцето или ако сакаш Бог нѐ создаде непрестано да му се поклонуваме во дух и вистина. Гревот на нашите прародители е губењето на молитвата, губењето на постојаното обожавање, кршење на непрекинатиот однос срце – срце и гледање лице во лице во кое и за кое Бог го создаде човекот на својата слика, на слика Божја.
Со влегувањето на гревот во светот молитвата стана борба. Горчлива иронија е тоа што обожавањето во почеткот била човечка природна состојба, а како последица на гревот стана нешто што е тешко да се прави. (…)
Молитвата: Дар на Срцето Христово
Она што ти можеби би сакал најпрво да го разгледаш е дека Христос останува засекогаш и се застапува за нас; неговото поклонување на Отецот е совршено и непрекинато; начинот на молитвата на која си повикан е учество во Исусовата молитва. Таа е многу понизна и трезвена желба за единство со Исус во неговото обожавање и прославата на Отецот – твојата душа со неговата душа, твојот ум со неговиот ум, твоето срце со неговото срце. Молитвата не е толку активност во која ти се ангажираш, туку многу повеќе е дар кој го примаш од Срцето Христово преку делувањето на Светиот Дух.
Пресвета света Тајна
Сето ова може да ти изгледа страшно апстрактно. Прости ми што не наоѓам зборови со кои ова би го искажал поедноставно. Јас се обидувам. Би сакал нешто да кажам за вистинското присуство на Исус Христос во Пресветата Евхаристија и посебно во Пресветата света Тајна во светохранилиштето. Големите светци пред тебе кажале дека во присуството на сокриениот Бог, Deus absconditus, ништо не чувствувале, ништо не гледале, ништо не слушале, воопшто ништо не доживувале со сетилата. Некои таинството на вистинско присуство го чувствувале пред сѐ како вистинско Божјо отсуство. Тие се обидуваат да дојдат до Бог во светата Тајна на неговата Љубов и се наоѓаат прво како птица која се обидува да влезе во куќата, повторно и повторно се удира во стаклото од прозорецот додека со целата должина не падне на тлото, ранета и исцрпена. За оној кој се обидува да моли овој вид на искуство станува обесхрабрувачко. Како птицата која се откажува од обидите да влета во домот, душата се откажува од обидите да моли и бара разонода во други работи. Сето тоа изгледа како губење на време, вежбање во бескорисноста.
Искра желба
Што треба да се направи? Да престанеме да молиме? (…) Да се падне во нешто што прераснува во практичен агностицизам? Би ви предложил две работи. Пред сѐ треба да знаеш дека ако имаш желба да молиш или дури најмала, најслаба искра желба за молитва, ти веќе молиш и тоа е така и покрај сите твои чувства. Кога одиш да молиш, па иако немаш ништо друго што би однел, донеси ја таа ситна искра желба. Светиот Дух со тоа ќе делува.
Скок во верата
Второто направи скок во верата и кажи: „Иако не гледам ништо, ништо не слушам, ништо не чувствувам и не разбирам ништо, верувам дека Христос е присутен во Светото Хранилиште, верувам дека тоа што го гледам пред себе не е парче леб, иако така изгледа. Тоа е Божјото Светотаинско Лице односно Бог Кој навистина е присутен и свртен кон мене. Бог Кој сака да има вистински однос со мене.“ Тогаш кажи: „Ако сакаш однос со мене знај дека и јас сакам да имам однос со тебе, иако сѐ во мене протестира и говори дека таквиот однос е неверојатен или дури невозможен.“ Тоа можеби ќе ти овозможи да кажеш: „Иако ништо не чувствувам, верувам дека си овде заради мене. И јас сакам да бидам овде заради тебе. Верувам дека тоа што си овде заради мене е израз на твојата љубов за мене. Тоа што јас сум овде заради тебе нека биде израз на мојата љубов кон тебе.“
Искушението да се побегне од молитвата
На почетокот тоа ќе биде борба. Петнаесет минути молитва може да ти изгледа како три часа. Можеби ќе се затекнеш фокусиран во чекањето часовникот да заѕвони. Можеби ќе започнеш да измислуваш начини за да побегнеш од нешто што ти изгледа толку неприродно, толку ирационално, толку бескорисно. Можеби ќе посакаш да станеш и да побегнеш. Ова искушение да побегнеш од молитвата може единствено да се надмине со бегство во молитвата. Ако си одлучил петнаесет минути да бидеш во обожавање, и паѓаш во искушение да го скратиш тоа време, одлучи да останеш наместо петнаесет шеснаесет минути. Можеби тоа звучи грубо, но тоа е аналогно на борбата за да се доврши физичката вежба кога те болат мускулите и немаш здив. Вежбата со молитвата ја прави молитвата навика, а кога молитвата ќе стане навика таа станува лесна.
Вкотвување на душата и телото
Постојат и други работи кои можат да се прават за душата (и телото) да се вкотват во обожавањето, кога искушението да побегнеш станува речиси неиздржливо. Открив дека повторувањето на многу кратки молитви како и користењето на зрнцата од бројаницата е најдобриот начин за да се остане во молитва кога сакам од неа да побегнам. Можеш на пример да повторуваш на секое зрно: „Твоето Лице Господи го барам, не сокривај го своето лице од мене.“ Или повторно: „Јас сум овде за тебе, затоа што Ти си овде за мене.“ Светиот Дух ќе вдахне молитва која е применлива на твојата потреба во поединечната ситуација.
Имам уште многу да ти кажам драг пријателе, но за денес ова мислам дека е доволно. Знај дека те носам во своите молитви. Не си сам во својата брба. Те благословувам.
о. Марк
Стела марис /к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк