Запрашај се на кого си посличен: На митарот или фарисејот?

Запрашај се на кого си посличен: На митарот или фарисејот?

Ние луѓето често си создаваме слика за себе така што се споредуваме со другите околу себе. Се гледаме себе во однос на она што со другите нѐ поврзува или разликува од нив. Дали сме подобри или полоши, поспособни, попаметни, поагилни од другите? Таквите споредувања често се поврзани со вреднувањето на другите.

Може чувството за личната вредност да се гради „на сметка на другите.“ Не можеме вистински да живееме без здраво чувство за личната вредност. Можеме себе си да се сакаме и прифатиме само ако во себе ја препознаеме вредноста, ако себе си се цениме. Меѓутоа нешто сосема друго е кога луѓето високото мислење за себе го докажуваат или го имаат на сметка на другите, односно кога другите ги омаловажуваат и потценуваат за да се воздигнат себе си. Често сопствениот стил на живот се брани така што се презираат оние кои живеат поинаку од нас. На тоа предупредува денешното Евангелие.“

Во денешното општество сѐ помалку се оние кои се фалат со својата побожност, со постот или со добрите дела. Живееме во секуларизирано и постхристијанско општество во кое нечија религиозност не е она по што некој се вреднува. Преценувањето или потценувањето во нашето општество се одвива на други подрачја во животот. И површното следење на состојбите во нашето општество јасно покажува дека луѓето се мерат според материјалниот статус, титулите, успесите, убавината, интелигенцијата и слично. На децата и младите многу рано им ја испраќаме пораката дека нечија вредност зависи од социјалното потекло и успехот во училиштето.

Во примерот од Евангелието треба да се воочи она што со задоволство денес се нарекува „говор на телото.“ Фарисејот стоејќи исправен, упатува благодарна молитва за сѐ што тој практично го прави во својата побожност. Митарот, останувајќи далеку не осудувајќи се очите да ги подигне кон небото, туку се удира во гради и моли за прошка на своите гревови. Конкретните дела на фарисејот не треба да се обезвреднат, како што лошото однесување на митарот не треба да се разубавува. Фарисејот живее побожен живот кој заслужува пофалба. Митарот ја открива својата вистина. За двајцата може да се каже дека нивната молитва одговара на нивната актуелна животна ситуација. Еден од нив, фарисејот ја презира и уништува молитвата на другиот (на митарот) така што сопствената состојба пред Бог ја претвора во убедливо воздигнување над митарот. Не се заблагодарува на Бог затоа што оди по исправен пат, туку затоа што не е како другите. И така ја упропастува сопствената побожност.

Во нашето време улогите се заменети: денес повеќе не е толку невообичаено да се видат и слушнат грешници кои себе се сметаат за вистински праведници и кои се фалат со својата чесност и искреност, покажувајќи презир кон оние чесни верници кои сѐ уште одат во црква. На кои од двајцата молители сум посличен? Како стојам пред Бог? Што и како се молам? Што мислам за себе и за оние кои дојделе на света Литургија?

Самоправедонста која произлегува од презирот кон другите го затвора срцето. Исус ја проповеда Божјата милосрдна љубов кон сите луѓе. Таа љубов го прави секој од нас вреден за почит. Па и тогаш кога тој човек е компромитиран од сопствените слабости или грешниот живот. Само Бог ги познава човечките срца. Не треба да донесуваме конечни судови за другите пред Бог. Секој е способен да се преобрати. Понизноста и здравото чувство за лична вредност меѓусебно се поврзани и едно од друго се хранат.

Фрањевци-Сплит/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот