Во понеделник 27 октомври 2025 година Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во сослужение на протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј отец Гоце Костов и отец Трајче, служеше света архиерејска Литургија во црквата „Свети маченик Јосафат“ во Рим, која се наоѓа во склоп на Украинската колегија и каде голем број свештеници од Македонија ги имаат завршено своите теолошки студии. На неа присуствуваше ходочесничката група од Македонија, која се наоѓа во Рим по повод Јубилејната година
Епископот Стојанов во својата проповед зборуваше за Јубилејната година и ходочестието во животот на христијаните, а се осврна и на духовните звања, повикувајќи да се моли за нив и за да се шири Словото Господово насекаде каде што недоволно се познава Бог.
На крајот упати благодарност до сите учесници за нивната побожност во градот на бројни маченици и светци, како што се во прв ред првоапостолите Петар и Павле, свети Кирил Солунски, истакнувајќи ги посебно Павле и Кирил, кои се и евангелизатори на Македонија.
Потоа ја пофали соработка на ходочесниците при исполнувањето на предвидената програма, која беше изобилна. Епископот Стојанов се заблагодари и на отец Гоце Костов за организацијата на ходочестието. На крајот епископот Стојанов го упати својот архиерејски благослов.
По светата Литургија ходочесниците се упатија кон базиликата Света Марија Велика (Santa Maria Maggiore), каде поминаа низ Светите врати, се помолија на гробот на папата Фрањо и иконата „Спасение на римскиот народ“ (Salus Populi Romani), а имаа можност да ја видат и плочата со благодарност од македонскиот народ, бидејќи во таа базилика папата Адријан II ги одобри и благослови богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј.
Со ходочестието во базиликата Света Марија Велика заврши официјалната програма на јубилејното ходочестие на македонската група.
к.мк

