Во вторник 25 ноември 2025 година, епископот Стојанов во епископската резиденција на Водно, прими дел од жените молителки во Радио Марија, заедно со директорот на радиото протојереј отец Гоце Костов.
На почетокот од средбата се помолија во капелата „Свети Кирил и Методиј“, а потоа во пријатен разговор епископот им се заблагодари на жените молителки од Радио Марија за нивната пожртвуваност и подготвеност молитвено да го помагаат Радио Марија. Ги поттикна да продолжат со нивните молитви, истакнувајќи таму каде што се двајца или тројца собрани во името Христово, таму е присутен самиот Господ. Епископот ја истакна важноста на молитвата во животот на христијаните, како и улогата на радиото во ширењето на радосната вест и молитвениот живот.
Покрај тоа епископот го упати својот апостолски благослов до сите членови на молитвената група на Радио Марија, посебно до оние кои беа спречени да присуствуваат на средбата поради неодложни обврски и здравствени причини.
Претставниците на Радио Марија го запознаат епископот за молитвените накани за кои редовно молат на програмата на Радио Марија од понеделник до петок во 17.30 часот, а меѓу нив е и месечната молитвена накана на епископот Стојанов.
Жените молителки во Радио Марија својот престој во Скопје го искористија да се помолат во капелата на „Света Мајка Тереза“ во Спомен куќата и црквата „Света Елена и Константин“.
Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје срдечно беа пречекани од сестра Наталија, каде поминаа низ Светите врати и молеа света Бројаница. Во просториите на Македонски Каритас беа примени од директорот протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, кој ги запозна со работата на оваа хуманитарна фондација на Католичката црква.
к.мк

