Епископот Стојанов на Богојавление служеше Литургија во Струмица

Епископот Стојанов на Богојавление служеше Литургија во Струмица

На празникот Богојавление – Водици, 19 јануари 2017 година во парохиската црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, служеше света архиерејска Литургија во заедништво со о. протереј ставрофор Георги Трајков – катедрален парох, о. Гоце Костов – парох и о. Атанас Сирачев – парохиски викар.

На почетокот од својата проповед епископот Стојанов истакна: „Денес го славиме празникот Богојавление или Крштението Исусово во реката Јордан. Исто така, благодариме на Бога за нашето Крштение според кое станавме и ние возљубени деца на Бога. Но Литургијата исто така нѐ повикува да размислуваме за тој голем милосен дар.

На Крштението слегнавме со Христос во водата на смртта и нашите гревови се испрани во тие води. Тогаш и ние го слушнавме гласот на Отецот: Возљубени! Во тебе ми е сета милина. Возљубени – тоа стана нашето ново име на Крштението. Не е тоа заради добрите дела што сме ги направиле, туку затоа што Христос, во својата љубов, силно сакаше да го сподели со нас тој однос со Отецот. Заедно со него и денес радосно молиме „Оче наш“.

Зборувајќи за Исусовото Крштение бискупот Стојанов истакна дека Исус не дојде на Јордан да се обрати и да прави покора за своите гревови, туку на себе да презеде покора за гревовите на светот: да ги потопи во Јорданските води, во својата крв на Голгота.

„Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ За Исус започнува ново време во животот, пресвртница – раскрсница. После 30 години тивок живот во Назарет ќе го замени со тригодишно патување низ Светата Земја: проповедувајќи ја Радосната вест, пораката на спасението, која ќе биде завршена, потврдена и посветена со крвта на Голгота. За таа голема задача Исус прими потврда, овластување од Небесниот Отец: „Овој е мојот возљубен Син…“

Понатаму владиката Стојанов истакна дека крштението е слика на нашето Крштение, најголемата пресвртница во нашиот живот. (…) Христијанинот е двапати роден: дете е на луѓето и е дете Божјо. Христијанинот е „ново создание“ на Бога сличен, свето битие, ослободен од нечистотиите на злото, со крстниот белег обележан со Исус Христос.

При тоа епископот Стојанов потенцира и покрај тоа што Крштението нѐ ослободува од гревот, исто така и нѐ обврзуван да го избегнуваме, упатувајќи го прашањето: „Дали околу тоа се трудиме и колку се трудиме?“

Завршувајќи ја проповедта монс. Стојанов рече: Драги браќа и сестри (…) да се присетиме и да запаметиме дека Крштението не е мал обред – церемонија, потоа славење дома и после тоа ништо. Крштението е обврска, навистина да бидеме христијани по срце и препознатливи со животот, секогаш во нас да се гледа дека сме „облечени во Христос.

При крајот од светата Литургија епископот Стојанов изврши Богојавленски водосвет, а потоа верниците беа благословени со осветената вода.

На крајот од свеченото празнување верниците си понесоа од осветената вода во своите домови.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот