На 23 октомври 2023 година во епископската резиденција во Скопје се одржа свештенички состанок на Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија. Со состанокот претседаваше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов.
Во оваа прилика епископот Стојанов ги запозна свештениците со новиот Апостолски поттик Laudate Deum на папата Фрањо при што истакна дека се однесува за климатската криза, односно дека се надоврзува на неговата енциклика од 2015 година, Laudato Si’ – за грижата за нашиот заеднички дом.
Во своето излагање епископот Стојанов накратко се надоврза на досегашните Апостолски поттици објавени од папата Фрањо и истакна дека Апостолскиот поттик Laudate Deum е објавен на 4 откомври, токму на празникот Свети Фрањо и денот кога завршува „времето на создавањето“, а на тој ден започна 16. Редовно Генерално собрание на Синодата за синодалност и рече: Додека започна процесот на размислување за она што произлезе од синодалниот процес на слушање во глобалната Црква, Laudate Deum уште еднаш го истакнува нашиот сегашен глобален контекст – контекст на бесмислената војна против природата и нашиот неуспех да се справиме со човечките корени на социјалната и еколошката криза.
Папата Фрањо конкретно наведува дека насловот на овој поттик е „Laudate Deum Фалете го Бога“ затоа што „кога човечките суштества тврдат дека го заземаат местото на Бог, тие стануваат свои најлоши непријатели“. Со ова тој сака да каже дека кога бараме моќ заради себе, ние си нанесуваме штета на самите себе, но и на планетата. Моќта треба да се искористи за да се создаде подобар свет за сите – рече монсињор Стојанов.
Во продолжение ги истакна клучните пораки од Апостолскиот поттик Laudate Deum нагласувајќи дека воедно е и итен повик за справување со климатската криза, затоа што времето истекува, а веќе е направена неповратна штета во однос на создаденото.
Бискупот Стојанов цитирајќи од документот на Папата рече дека „светот во кој живееме се урива и можеби е блиску до точка на пресврт, па од тука Laudate Deum е итна молба за сите нас да преземеме акција пред да биде предоцна и заврши давајќи одговор, повторно цитирајќи делови од Laudate Deum, што значи овој документ за Католичката заедница и како треба да дејствува.
Ватикан њуз/к.мк