На 7 јануари 2020 година, на празникот Рождество Христово – Божиќ, Неговото Високопреосвештенство монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх на 7 јануари 2019 година на полноќ служеше света архиерејска Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. На Литургијата сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија.
За време на светата Литургија епископот Стојанов одржа проповед, која во оваа прилика ја пренесуваме во целот.
Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христос новородениот Син Божји!
Божик е. Го празнуваме Божјото доаѓање меѓу нас. Овој празник стана најмил празник во годината за многу христијани.
Сите ние сериозно се подготвувавме за овој празник. За жал, од година во година таа подготовка за големиот празник Божик често пати доаѓа нарушена од големиот број реклами, по сѐ изгледа дека празнувањето е само во куповањето. Сигурно дека сме помалку и под тоа влијание и самите често пати размилсуваме со какви подароци да ги израдуваме своите најблиски. Нормално, и тоа треба да го направиме, бидејќи овие денови не повикуваат да излеземе од себе, да се зближиме и соединиме со своето семејство. Сепак, смислата на Божик не е само во подароците. Да се запрашаме дали сме размислувале и одлучиле каков подарок ќе му подариме на Новородениот Син Божји?
Божјиот Син како новородено дете е во центарот на сите јаслички, што сите ние што се сметаме за верници ги имаме нмаправено во своите домови. Симболот на јаслите и во нив Светото семејство го истакна оваа година и папа Фрањо на почетокот на божиќниот пост во италијанското гратче Греча – место во кое св. Фрањо Асишки ги направи првите живи јасли во 1223 година од каде го упати и своето Апостолско писмо „Admirabile signum (Чудесен знак) за значењето и важноста на јаслите. Со тоа светиот Отец ја подржа таа убава традиција, подготовка на јаслите во домовите, во семејствата.
Без разлика во каква форма или техника се направени, божиќните јаслички прозборуваат за Божјата љубов. Бог стана немоќно дете што зависи од другите. Со тоа Бог ни порача дека е близу до секое човечко суштество. Низ симболот на јаслите ја препознаваме пораката на надежта и љубовта. Низ фигурите и пештерата ја чувствуваме божиќната атмосфера како со вера би можеле да го живееме таинството на Откупителското раѓање на свет, дојде во сиромаштво, маленост, едноставност и скромност. Тоа се Негови силни дела со кои ја изразува својата љубов кон нас.
Драги браќа и сестри, нашата земја, која Бог ни ја подари на светската сцена, е мала и безначајна, со нешто повеќе од два милиона жители, а католиците од обете традиции во оваа земја се навистина „мало стадо“. Сепак, како такви, бевме достојни оваа година, односно веќе изминатата календарска година, во заедништво со нашите браќа и сестри на другите Цркви и верски заедници да го пречекаме и поздравиме нашиот драг гостин, папата Фрањо, кој нè посети на 7 мај 2019 година, и тој ден го помина со нас, во нашиот заеднички дом. Можевме да ја почувствуваме неговата љубов и приврзаност кон нашиот народ и кон сите граѓани на оваа мила Македонија. Обраќајќи се пред надлежните органи на нашата држава, тој рече дека разноликоста на различни култури, етнички заедници, вероисповести и религии може да послужи како пример за другите земји. „Овие специфични карактеристики се многу значајни за подобра интеграција со европските земји. Моја надеж е дека оваа интеграција ќе биде развиена на начин што ќе биде од полза за целиот регион на Западен Балкан, со неисцрпното почитување на различностите и човековите права“.
Во нашиот главен град е родена нашата Светица – Св. Мајка Тереза, на која сме горди за нејзината љубов кон најсиромашните од сиромашните, чие дело ги допре срцата на многу луѓе ширум светот. Папата ја посвети својата посета на оваа голема ќерка на нашата земја. Со Божјата благодат, таа стана храбра мисионерка на Христовата милост во светот зашто одбрала живот да им служи на најсиромашните. Таа ни ја даде како пример, затоа што преку својата работа му покажа на светот дека и во наше време евангелието влијае на срцата на луѓето и му дава смисла на животот. Оваа ќерка на нашата земја, во свое време, Генералниот секретар на заседанието на сесијата на Обединетите нации ја претстави вака: „Ви ја претставувам најмоќната жена на светот. Таа навистина ги претставува Обединетите нации, затоа што во нејзиното срце е страданието на многу луѓе“. Таа му возвратила на начин што ја подигнала бројаницата во својата рака и рекла: „Јас сум само сиромашна жена која се моли. Молејќи, Господ ми става љубов во моето срце за да можам да ги сакам сиромашните… Молете се и вие и вашето срце ќе биде исполнето со љубов за да можете и вие да ги сакате сиромашните околу вас“. Во оваа смисла, папата Фрањо се обрати и до нашиот, сега веќе поранешен, претседател Иванов овде со совет дека и тој работел и да работи како Мајка Тереза за обединување на народот.
Неговата порака која ја насочи кон нас христијаните на оваа земја ја носиме во срцето како завет и задача која се наоѓа пред нас: „ Ја гледам тука Црквата која дише со двете белодробни крила – римскиот и византискиот обред – и вдишува секогаш нов и возобновен дух на Светиот Дух“. Овие две крилја се неопходни и комплементарни затоа што „ни помагаат подобро да ја вкусиме убавината на Господ“.
Пред Бога, ние не сме ниту мали, ниту безначајни, затоа што кога секој од нас го прави сето она што Бог го бара од нас, односно возвраќајќи му ја нашата љубов, тогаш Бог и преку нас ќе ги манифестира своите силни дела.
Драги браќа и сестри, додека во нашите срца се уште ги чуваме зборовите и настанот од посетата на Светиот отец папа Фрањо меѓу нас, сакаме да се задржиме на уште поголемиот настан што се случил пред повеќе од две илјади години, кога Бог дојде кај нас преку раѓањето на својот Син што со своето доаѓање меѓу нас луѓето во лицето на човек ја запали вербата во срцата на луѓето. На таа Божиќна ноќ се роди вистинската светлина која го просветлува секое човечко суштество и сите народи. Оваа светлина потекнува од јаслите и нè повикува да се предадеме слободно на Исус и да му дозволиме да нè обдари со Својата љубов. И ние Нему му даруваме сè што имаме, како нашите срца и нашата љубов, така и нашите слабости и нашите неуспеси. Тој е оној што дарува мир, бидејќи по тој настан во малото местенце Витлеем, повеќе ништо не е како порано.
Во овој поглед, драги браќа и сестри, на сите ви посакувам Честит празник Рождество Христово – Божик! Меѓу сите луѓе во оваа наша земја Македонија и во светот посакувам да слезе Божјиот мир и Божјиот благослов! Христос се роди!
к.мк