Како завршеток на посетата на Кипар, папата Фрањо на последната средба во Никозија сподели момент на екуменска молитва со мигрантите во црквата „Светиот Крст.“
Во склоп на средбата, четворица мигранти ги споделија своите сведоштва. Папата Фрањо, длабоко трогнат, им се заблагодари, истакнувајќи дека доживеал силно чувство кое произлегува од средбата со убавината на вистината.
Со помош на нивните сведошва, рече Папата можеме подобро да ја разбереме пророчката сила на Божјите зборови изговорени преку апостол Павле: „И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога“ (Ефес 2, 19) Тие зборови тогаш биле упатени до христијаните во Ефес, но изгледа како да се напишани за нас денес, рече Папата. Тоа е пророштвото на Црквата: заедница која и покрај своите човечки ограничувања, го овоплотува Божјиот сон, рече Папата, присетувајќи се на сведоштвото на Мариjами од Конго која рече дека е „полна со соништа.“ Како тебе, рече Папата, Бог сонува за свет на мир во кој неговите деца живеат како браќа и сестри. Бог тоа го сака, сонува за тоа. Ние сме тие кои тоа не го сакаме, рече Папата.
Вашето присуство е многу значајно за ова славење, им рече Папата на присутните. Нивните сведоштва како огледала кои ги држат пред христијанските заедници, рече Папата ја истакнуваат поделеноста, затвореноста, нетрпеливоста кои се случуваат.
Давајќи го примерот на Тамара од Шри Ланка која сведочеше дека луѓето често ја прашуваат која е, Папата рече дека суровоста на миграцијата не ретко нѐ тера на преиспитување на сопствениот идентитет. И ние не ретко го поставуваме тоа прашање, а премногу често зад тоа се сокрива прашањето: „На чија страна си?“ „На која група припаѓаш?“ Повторно повикувајќи се на зборовите на Тамара, Папата кажа дека не сме бројки, туку браќа, пријатели, верници. Меѓутоа кога се наметнуваат интересите на групите, политичките интереси, многу од нас несвесно стануваат робови. Интересот, кажа Папата секогаш робовува, секогаш создава нови робови. Љубовта пак е таа која нѐ прави слободни.
Маколинс од Камерун говореше како во животот бил ранет од омразата – токму тие рани произлегле од наметнувањето на интересите, рече Папата. Потсетувајќи нѐ дека омразата ги затрујува и односите меѓу нас христијаните, рече папата Фрањо. Тоа остава длабок и долготраен траг, тежок е тој отров за да се отстрани. Роз од Ирак пак рече пред присутните дека личноста е „на пат“ и Папата се осврна на тоа дека и ние сме заедница на патот – патуваме од конфликт во заедништво. На тој пат не би требало да се плашиме од нашите разлики, но треба да се плашиме од нашата затвореност и предрасудите кои нѐ спречуваат во вистинската средба со другите и во заедничкото одење. Нашето одење кон целосното единство може единствено да напредува во онаа мера во која заедно го држиме погледот насочен на Исуса Кој е нашиот мир, камен темелник, рече Папата. Го среќаваме токму Исуса во лицата на маргинализираните и отфрлените браќа и сестри. Во лицето на мигрантот кој е презрен, отфрлен, затворен во кафез… но истовремено тоа лице на мигрант кој патува кон целта, надежта во големо човечко заедништво.
Бог на сите овие начини ни приговара по пат на нашите соништа, рече Папата, истакнувајќи дека денес е полесно да се спие наместо да се сонува, да се гледа од далечина. Во овој свет сме навикнати на културата на рамнодушноста. Но, Бог бара од нас да не се помириме со поделениот свет, со поделените христијански заедници, туку да патуваме низ историјата по планот на неговиот сон – човештвото ослободено од ѕидовите на поделбите, непријателствата, каде нема странци, туку само сограѓани кои се различни, но горди на таа разноликост и едноственоста кои се Божји дар, рече Папата, повторувајќи го повикот Кипар да стане „работилница на братството“, што ќе се оствари со ефикасно препознавање на достоинството на секоја личност и во отвореноста со довербата во Бог. Ако тоа се оствари, тогаш сонот може да се преточи во секојдневно патување кое го прават конкретни чекори од конфликтот во заедништвото, од омразата во љубовта, од бегството во средбата.
Светиот Отец го заврши говорот со мисли за тешките ситуации во кои и понатаму се наоѓаат многу мигранти на патот, кои не успеале да стигнат до целта. Ние гледаме што сѐ се случува, а најлошото од сѐ е што на тоа започнавме да се навикнуваме. Тоа е сериозна болест, нема лек против тоа, рече Папата. Се згрозуваме читајќи за логорите од минатиот век, рече, но тие постојат и денес, рече истакнувајќи многу мигранти кои се вратени назад во места каде се мачени и ограбени. Предупредувајќи на културата на рамнодушноста која зафати многумина, Папата ја изрази својата одговорност да помогне во отворањето на очите пред ова реалност. Принудената миграција не е туристички обичај, рече и Го моли Господ да ја пробуди свеста на сите нас пред овие работи.
Ватикан њуз/к.мк