Дозволено ли е маж и жена да се раздвојат?
Божјото Слово ни зборува за венчавањето – бракот – семејството. Темата е многу важна и актуелна. Особено затоа што семејството, таа “првобитна општествена клетка”, денес е многу ранлива. Сите се согласуваат дека бракот и семејството се во многу тешка криза. До неодамна, семејството беше оаза на мир и блаженство, место каде што човекот отсекогаш се пронаоѓал себеси, својот мир и вистинската среќа. Но, денес тоа е сосема нешто друго. Сè што било свето и неповредливо во семејството сега се доведува во прашање. Денес се истакнува личната слобода во љубовта, лесно се раскинуваат брачните врски, децата обично се третираат како неподнослив товар, тие преставуваат пречка за љубовните авантури и се пречка за „повисок стандард на живеење.”
Дека семејството сега е во многу тешка криза, потврда е и фактот што голем број млади луѓе сѐ потешко се одлучуваат за брак. Ова го потврдува и зачудувачки големиот број на разводи. Во некои градови секој втор брак се распаѓа. Помалку деца се раѓаат, а абортусите се зголемуваат. Сѐ почести се брачните неверства и појавата на заеднички живот без никакви обврски и почитување на Бог, па дури и на граѓанското право.
Што вели Мојсеј за раздвојувањето?
Фарисеите сакале да го искушаат Исус, сакале да го збунат, да го фатат во лага … Тие му го поставуваат прашањето: „Дозволено ли е маж и жена да се раздвојат? Исус се впушта во разговор со нив, па ги прашува: „Што ви заповеда Мојсеј?”
Тие велат: „Мојсеј дозволи да се напише разводно писмо и да се отпушти жената!” Исус ги потсетува дека Мојсеј тоа го сторил поради закоравеноста на нивните срца. Мојсеј ги закомплицирал работите за да мажот не може да ја отпушти својата жена толку лесно и без било каква причина: на пример, поради болест, неплодност, затоа што тој се вљубил во друга… Со ова писмо колку толку се штителе правата на жената…
Брачната љубов слика на Божјата љубов
Уште на самиот почеток на библискиот текст од книгата Битие стои: „Не е добро човекот да биде сам!” Зошто? Затоа што на човекот му треба да сака и да биде сакан. Тоа е запишано во човечката природа.
И бидејќи човекот е создаден по Божјиот образ, а Бог е љубов и извор на сета љубов.
Бог живее во заедница на љубоб на три Лица кои остваруваат совршено единство. Тоа го нарекуваме Тајната на Света Троица.
Така, мажот и жената се создадени за љубов, да постигнат што посовршена заедница, а не да живеат во осаменост.
Жената е еднаква на мажот. Ако мажот во однос на жената е супериорен по едни доблести, квалитети, жената е супериорна по други доблести кои се својствени за неа. Тоа е таа поделба. Ставањето на овие вредности во заеднички живот придонесува за големината и убавината на љубовта.
Првиот услов некој да се сака е да се биде подготвен да се збогати друго лице, пред него да се чувствувате сиромашен во сето она што тоа од вас може да добие.
Затоа мажот и жената се создадени да се усовршуваат еден со друг и да создадат уникатено суштество. Toа е значењето на библиската изјава: „Човекот ќе се припои до својата жена и двајцата ќе станат едно тело.”
Вистинската љубов на двајца кои се сакаат создава една душа, еден дух, едно срце, едно тело.
Кога свети Павле им зборува на првите христијани за бракот, ги потикнува да се сакаат како што Бог нас нѐ сакаше, како што нѐ засака Исус Христос.
Љубовта на венчаните мора да наликува како Божјата љубов кон нас. Нивната заедничка верност мора да биде слична на верноста на Христос кон неговата Црква. Затоа велат дека бракот е Света Тајна.
Светата тајна е мистериозен знак кој укажува на нешто дадено од Бога. Взаемната брачна љубов е нешто толку големо што мора да ја одразува љубовта на Бога и Исус Христос кон нас. Тоа е идеал. Но, која е реалноста…?
Вистинската љубов сè поднесува, сè простува, се надева на сè, верува во сè
Најчест извор на опасност за згаснување на љубовта е: недоволната подготовка за брак; претераната надеж во љубовта; погрешно вршење на љубовта. Љубовта мора постојано да се отвора и да расте.
Милосрдниот Бог е толку трпелив со нас. Евангелието ги поканува брачните парови на храброст. Исус добро знае дека има многу тешкотии во човечкиот живот. Тој знае дека животот на брачните другари може да биде причина за недоразбирање, напнатост, судири и тешки ситуации. Понекогаш може да изгледа како сè да пропаднало. Доста е! Нема повеќе убави зборови и ветувања, возбуда и нежност. Но Исус нѐ повикува да не се откажеме. Бидејќи љубовта е посилна од било која пречка. Љубовта мора да биде посилна. Љубовта мора да победи. Во светот каде што повеќе тоа не е можно, би било невозможно и да се живее. Исус ги уверува сите сопружници да издржат, бидејќи вистинската љубов сè поднесува, сè простува, се надева на сè, верува во сè.
Ние треба, всушност, да бидеме свесни дека со гревот на нашите прародители човекот е ранет на срце и тело, и тогаш има тенденција да ги ранува другите. И бидејќи човекот е ранет во себе, тој другата личност не ја гледа во чистата радост на прифаќањето и дарувањето, туку ја гледа со себичен интерес и со страст. И затоа за жал, често другата личност му е само предмет за задоволување на најниските страсти во себе. Затоа Исус ни вели дека Мојсеј на толку ранетиот човек, поради неговата тврдокорност, му дозволил да се откаже и да ѝ даде на жената писмо за развод.
Но, Исус дојде да го откупи човекот. Самиот Исус љубеше до крај, до смртта на крстот. Ова ни покажа дека е можно да се сака со силата на оваа откупителна љубов. Ако ние сме во верата отворени за љубовта на Исус, тогаш таа секогаш во нас ќе предизвика толку многу сила да можеме да издржиме и тогаш кога, човечки речено, се чини невозможно.
Во спротивно, развод се јавува дури и без брачните партнери тоа судски да го сториле. За жал, многу христијани живеат со години во развод. Ова се случува кога брачните другари се разделуваат еден од друг во својата внатрешност, во своето срце. Ова се случува кога кај мажот и жената веќе не постои желба да си простат еден на друг, да се смират, кога повеќе не сте заинтересирани еден за друг. Зарем ова не е развод, иако тие живеат под истиот покрив? Нивните чести караници, тешки навреди, вечните обвинувања резултираат со тоа денес многу млади луѓе, нивните деца почнуваат да се дрогираат и да стануваат насилници и болни лица.
A Исус ги повикува брачните придружници на единство: и тие ќе бидат само едно тело.
Значи тие мора да бидат како една личност, сложни во плановите и чувствата. Како се постигнува ова? Значи, уште на почетокот, се елиминираат недоразбирањата, спротивностите, студените односи. Апостол Павле ни дава важна препорака во врска со ова: Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш (Ефесјаните 4,26). Тоа за брачниот пар значи: сонцето да не зајде, а вие да не сте се смириле; не си легнувајте додека не си простите еден на друг.
А Бог што составил, човек да не разделува
Денешната порака на Божјиот збор е упатена до сите нас и нè повикува на простување и љубов, особено кога ќе се појават недоразбирања и тешкотии. Исус ни кажува дека не смееме да паднеме пред злото и маките, љубовта мора да победи. “А Бог што составил, човек да не разделува.” (Марко 10,9).
Еден тажен пример: Ја сретнал вероучителот неговата поранешна ученичка, 18-годишна девојка. Ја прашал: „Како си?”
– „Ви благодарам за прашањето, добро!”
-„Што има ново дома?”
– „Не сум била дома долго време. Досега бев со мајка ми, која се разведе и се омажи по вторпат. Очувот ме сакаше. Сега мајка ми повторно се разведе, но таму не можам да ја следам! “
-„Сигурно нема да останеш кај очувот, врати се кај татко ти!”
– „Не можам, бидејќи тој повторно се ожени, има деца, и среќен е кога не ме гледа!”
– Каде одиш сега?
– „Патувам, малку сум тука и таму”. Голема солза паднала по лицето на сиромашната девојка. Како таа ќе биде среќна …
Еден млад рабин раскажа многу интересна случка за вереници кои дошле кај него една вечер, со цел да се договорат за деталите за свадбата, затоа што тој требал да ја води свадбената церемонија. По неколку разменети информации и прашања вереникот прашал: Учителе, ќе имате ли нешто против, ако направиме мали промени во свадбена церемонија?
Наместо, да не прогласите маж и жена до нашата смрт, можете ли да не прогласите за маж и жена сѐ додека имаме љубов еден за друг? Зборувавме многу за тоа и заклучивме дека за нас нема да биде морално, ако веќе не се сакаме, да треба да живееме заедно.
Рабинот го погледнал и му рекол: „Јас сум против таа идеја и нема да направам промени во свадбената церемонија. Сите знаеме, рабинот продолжил, дека постои состојба наречена развод, и дека многу денешни парови не остануваат заедно до смртта.
Но, да ви кажам нешто. Ако стапувате во брак со чувство, претпоставка или можеби дури и сознание дека ќе има проблеми и дека ќе се разделите, во тој случај, јас можам да ви гарантирам дека вашиот брак нема да трае долго. Благодарен сум за вашата искреност, но мора да разберете дека брачната согласност не е само взаемна добра волја на двајца да живеат заедно. Брачната согласност е обврска да се прифатат разочарувањата и тешкотиите кои се составен дел од нашиот живот на земјата, особено кога со некој живеете секој ден. Тешко е да се биде во заеднички живот, и тогаш кога сте се откажале од сè за овој заеднички живот. Ако пак не сте се откажале, заедничкиот живот нема да трае долго, заклучил рабинот.
Вистинските христијански родители се богатство за светот
Ако немало вистински христијански родители, човештвото ќе било многу посиромашно, бидејќи немало да има толку многу научници и светци. Ако само малку погледнеме во историјата на Црквата и во историјата на човештвото, можеме да видиме дека навистина сите великани на Црквата и светот потекнуваат од семејства со многу деца, на пример: Света Мала Тереза била деветто дете на нејзините родители, Свети Игнатиј Лојола единаесетто дете, Свети Францис Салешки шеснаесетто дете , Свети Петар Канизи, дваесетто дете, и Света Катерина Сиенска, дваесет и четвртто дете на нивните родители.
Доколку родителите на големите светители и научници се придржувале до модерниот недозволив живот и модерните пресметки, тогаш светот денес ќе беше без големи умови, бидејќи речиси сите светци и научници потекнуваат од семејства со многу деца. Токму со тоа Бог сакаше да покаже колку ги благословува животите и жртвите на вистинските христијански родители.
По смртта на еден познат мисионер, во неговиот сандак најден е верничкиот венец на неговата мајка со натписот: Ова е верничкиот венец на мојата мајка. Го носев со себе на сите мои патувања. Тој ми е спомен на оној свечен ден, кога мајка ми ветила не само верност, туку и чесност. Своето ветување го оддржа. Таа имаше храброст после единаесеттото дете да ме има мене, двенаесеттото. После Бог на неа и го должам мојот живот и мојот свештенички повик. Ако не сакаше да ме има мене, немаше да станам свештеник, а и на девет јазици не ќе можев да работам толку многу за спасение на неумрените души. Моја последна желба е да го вметнете венецот на мојата мајка заедно со моето мртво тело во гроб. Таа херојска вистинска христијанската мајка беше жена на еден скромен обичен работник.
“Ако има небо на земјата, тогаш тоа е скриено во среќниот и успешен брак.
Бог го замислил семејството како парче небо во оваа долина на солзите!
Ако има пекол на земјата, тогаш вистински пекол е неуспешен и несреќен брак!”
Отец Петар Љубичиќ/к.мк