Некоја посебна мистерија носи последниот ден од граѓанската година… Ние тоа го нарекуваме новогодишна ноќ, а тоа всушност е последниот ден од годината која е зад нас. Новогодишната ноќ е како врв на планина од која можеме да ги видиме 365-те поминати денови и ако биле исправни на нив да се одмориме, да воздивнеме или да жалиме што тие денови биле празни и што не сме се помириле, простиле со другиот.
Новогодишната ноќ е последниот повик оваа година да ја направиме среќна, без товар, болести и грижа на совеста да влеземе во нов период од животот. Тоа е последниот повик да се направи нешто добро и оваа година да изгледа секогаш среќна, на неа да се навраќаме како на благослов за својата иднина.
Не вреди ништо овој ден само ако се закопаш во песокот од грижи, во подготовките за дочекот на Новата година. Подобро овој ден земи си го за да ја искапиш својата совест, да простиш на секој човек, да молиш да ти се прости и лично да се помириш со небото кое единствено дава новост во Новата година. Барем последниот ден од годината тебе ти припаѓа. Барем на тој ден можеш да се засакаш себе и својот живот, да го утешиш своето срце, својата совест повторно да ги осветлиш и да ги направиш радосни. Барем денес можеш да му простиш на секој домашен, може да посакаш да биде поинаку.
Часовите и минутите те предупредуваат дека наскоро ќе биде полноќ и важно е да ги направиш животните одлуки за добро и свето. Запри ги работите и седни некаде во мирен агол и пронајди се себе, својот живот, својата душа, својата иднина. Слушај во тишината која те опкружува и потопи се во мирот. Во таа смиреност која ќе те обземе кога ќе одлучиш дека ништо повеќе не е важно освен тебе и овој момент од твојот живот ќе те заплисне присуството на Некој Кој кон тебе негува неизмерна симпатија, Некој кој можеби веќе 365 дена не успеал да продре до тебе.
Бог Кој стана човек ќе ти се приближи. Тој го сака твоето друштво. Тој токму во сѐ те разбира и воопшто не те осудува за ништо. Сега заедно со Него погледни во минатата година, погледни што требало да промениш за твојот живот да биде целосен и посреќен. Научи се од последните денови да направиш први денови, да ја претвориш загубата во добивка. И не дозволувај деновите да ти поминат празни. Овој е ден на благодарност. Денес на последниот ден започни од почеток да живееш.
Томислав Иванчиќ/битно.нет/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк