Дарот на побожност доаѓа одвнатре

На Генералната ауидиенција во среда 4 јуни 2014 година на плоштадот Свети Петар, пред повеќе од 50 илјади верници папата Фрањо говореше за дарот на побожноста.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес ќе зборувам за дарот на Светиот Дух кој многу пати погрешно се сфаќа или се гледа на површен начин, а всушност допира до самата срж на нашиот идентитет и во нашиот христијански живот: станува збор за дарот побожност.

Треба веднаш да се објасни дека тој дар не смее да се поистоветува со сочувство кон некого, со сожалување на својот ближен, туку ја означува нашата припадност на Бог и нашата длабока поврзаност со Него, поврзаноста која дава смисла на целиот наш живот и која нѐ чува во цврсто заедништво со Него, па и во најтешките и најмачните моменти.

1.Таа поврзаност со Господ не смее да се сфаќа како должност или нешто што ни е наметнато. Таа поврзаност напротив доаѓа одвнатре. Станува збор за интимен однос, за нашето пријателство со Бог, кој ни го даруваше Исус, а кое го менува нашиот живот и нѐ исполнува со воодушевување и радост. Заради тоа дарот на побожноста буди во нас пред сѐ благодарност и пофалба. Тоа е причината и најавтентичната смисла на нашето богопочитување и нашето поклонување. Кога Светиот Дух ни дава да ја почувствуваме Господовата присутност и целата Негова љубов кон нас, тогаш срцето ни го исполнува со топлина и некако нас малите нѐ поттикнува на молитва и славење. Побожноста е синоним за вистински дух на вера, синовска доверба во Бог, таа способност да му се молиме со љубов и едноставност која што е својствена на луѓе со понизни срца.

2. Ако побожноста ни помага да растеме во поврзаноста и заедништвото со Бог и нѐ упатува да живееме како Негови деца, истовремено ни помага излевајќи ја на автентичен начин таа љубов и на други и признавајќи ги за браќа. Тогаш ќе бидеме носени од чувство на побожноста – а не пиетизам! (во смисла на лажно сочувство и измамена и наметлива побожност) – кон оние кои се околу нас и оние кои секојдневно ги среќаваме. Зошто велам „не“ на пиетизмот? Затоа што некои мислат да бидеш побожен значи да ги затвориш очите, да правиш изрази на лицето по примерот на оние кои ги гледаме на светите икони, да глумиме светци. Кај нас во Пиемонт се вели: се прави „mugna quacia“.Тоа не е дар на побожност. Дарот на побожност значи да бидеш навистина способен да се радуваш со оние кои се радуваат, да плачеш со тие што плачат, да им бидеш близу на оние кои се во тага, да ги поправуваш тие кои се во заблуда, да ги тешиш ожалостените, да ги прифатиш и да им помагаш на оние кои се во потреба. Постои многу тесна поврзаност помеѓу побожноста и кроткоста. Дарот на побожност што ни го дава Светиот Дух нѐ прави кротки, спокојни, трпеливи, во мир со Бог, ни дава на другите да им служиме со кроткост.

Драги пријатели во Посланието до Римјаните апостолот Павле вели: „Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче!“ (Рим 8, 14-15). Да го молиме Господ дарот на Неговиот Дух да ги победи нашите стравови, нашата несигурност, па и нашиот немирен, нетрпелив дух и да нѐ направи радосни сведоци на Бог и на Неговата љубов, поклонувајќи Му се на Господ во вистината како и во служењето на ближните со кроткост и насмевка кои Светиот Дух секогаш ни ги дава во радоста. Нека Светиот Дух на сите ни го подели тој дар на побожноста.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот