Дали знаете дека Светското фудбалско првенство го основал католик?

Дали знаете дека Светското фудбалско првенство го основал католик?

Додека светот се подготвува за Светското фудбалско првенство во Северна Америка, ја пренесуваме приказната за неговиот основач, Жил Риме — побожен католик од Франција.

Овогодишното Светско фудбалско првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.

Соединетите Американски Држави последен пат беа домаќини на Светското првенство во 1994 година, Мексико го организираше ова натпреварување во 1970 и 1986 година, а за Канада ова ќе биде првпат да биде домаќин на престижниот фудбалски турнир.

Многу пред Светското фудбалско првенство да стане најгледаниот спортски настан во светот, неговиот основач Жил Риме бил воден од визија обликувана од неговата католичка вера.

Риме е роден на 14 октомври 1873 година во селото Телe во Франција, во побожно католичко семејство. Бил познат по својата чувствителност кон сиромашните и бил вдахновен од католичката социјална наука.

Како седумнаесетгодишник, особено бил вдахновен од енцикликата Rerum Novarum, која се занимава со тешките услови, сиромаштијата и искористувањето на работничката класа предизвикани од индустриската револуција. Охрабрен од зборовите на папата Лав XIII, Риме одлучил да создаде организација што ќе им обезбедува социјална и медицинска помош на сиромашните.

Како голем љубител на спортот, верувал дека спортот може да ги обедини луѓето од сите раси и општествени слоеви. На 24-годишна возраст основал спортски клуб наречен „Црвена ѕвезда“, во кој го вклучил и фудбалот, иако во тоа време се сметало дека тој спорт е резервиран само „за Англичаните и за пониските општествени слоеви“.

Жил Риме беше претседател на ФИФА 33 години

Во 1904 година, Риме помогнал во основањето на Меѓународната фудбалска федерација, односно ФИФА. По службата во Првата светска војна, во 1919 година станал претседател на Францускиот фудбалски сојуз, а на 1 март 1921 година бил избран за претседател на ФИФА.

Девет години подоцна, во Уругвај било одржано првото Светско фудбалско првенство. За Риме, тоа било можност да се соберат народи кои претходно биле во судир, да се промовира универзално братство и солидарност меѓу луѓето и да се спречат идни глобални конфликти.

Тој се залагал и за професионализација на фудбалот, за спортистите од работничката класа да можат чесно да заработуваат за живот.

Победничкиот трофеј на Светското фудбалско првенство во 1946 година бил именуван како Куп „Жил Риме“.

Жил Риме починал во 1956 година. Неговите напори за воспоставување и развој на Светското првенство му донеле номинација за Нобеловата награда за мир истата година.

Во книгата „Историја на фудбалот во 100 предмети“, неговиот внук Ив Риме се присетува на својот дедо како на „хуманист и идеалист кој верувал дека спортот може да го обедини светот“.

„За разлика од многумина во неговото време, тој сфатил дека, за меѓународниот спорт навистина да биде демократски и вистински да ги вклучи масите, мора да биде професионален“, рекол Ив Риме.

ХКМ/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот