По „Службата на Словото“ за која зборував во минатите катехези, следи делот од светата Миса кој се нарекува Евхаристиска служба – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција одржана на 28 февруари 2018 година, во салата Павле VI, во Ватикан.
Во Евхаристиската служба Црквата преку светите знаци постојано ја прави присутна жртвата на Новиот завет која Исус го запечати на олтарот на крстот. Тој бил првиот христијански олтар, и кога ние се приближуваме до олтарот за да славиме света Миса се присетуваме на олтарот на крстот, каде е жртвувана првата жртва – рече Папата и нагласи: Свештеникот кој на светата Миса го претставува Христос, го прави тоа што Господ сам го направи и го предаде на учениците на последната вечера; „зема леб и чашата, се заблагодари и им даде на учениците говорејќи“: „Земете и јадете ова е моето тело…, земе и пијте ова е мојата крв… Ова правте го во мој спомен.“
Послушна на Исусовата заповед, Црквата ја уредила Евхаристиската служба со моментите кои одговараат на зборовите и гестовите кои Исус ги прави во пресрет на својата мака – рече Светиот Отец и додаде: Кај подготовката на даровите на олатарот се донесуваат лебот и виното, односно елементите кои Христос ги земал во своите раце. Во евхаристиската молитва му благодариме на Бог за делото на откупувањето, а даровите стануваат Телото и Крвта на Исус Христос. После тоа следува прекршувањето на лебот и причест, преку кои го оживуваме искуството на апостолите кои ги примиле евхаристиските дарови од рацете на самиот Христос.
Првиот Исусов гест: „зеде леб и чашата со виното“, одговара на подготовката на даровите – истакна папата Фрањо и продолжи: Тој е првиот дел од Евхаристиската служба. Добро е верниците да му принесуваат на свешеникот леб и вино, затоа што тие го означуваат духовниот дар на Црквата и приносот за Евхаристијата. Убаво е што токму верниците го носат на олтарот лебот и виното. Иако денес верниците повеќе не носат како порано, свој сопствен леб и вино за литургијата, сепак обредот за принесување на тие дарови ја сочувал својата вредност и духовното значење. Од тој аспект важно е кај ракополагањето на нов свештеник, кога епископот му предава леб и вино, вели: „Прими ги даровите на светиот народ за евхаристиската жртва.“ Народот Божји е тој кој го носи дарот, лебот и виното, големиот дар за светата Миса.
Преку знаците на лебот и виното верниците го ставаат својот дар во рацете на свештеникот, кој го става на олтарот или трпезата Господова која е центарот на целата Евхаристиска служба – рече Папата и напомена : Тоа значи дека олтарот е во центарот на светата Миса, а олтарот е Христос; имено, секогаш треба да се гледа олтарот кој е центарот на светата Мисата. Во плодот на земјата и работата на рацете човечки се покажува ангажираноста на верниците за да станат послушни на Божјото Слово, жртва угодна на Бог Отецот Семоќниот, за благосостојба на целата Негова света Црква. Па, животот на верниците, нивните страдања, нивната молитва, нивната работа, се обединети со Христовите и со неговата целосна жртва и така примаат нова вредност.
Сигурно дека нашиот дар е мала работа, но на Христос му треба тоа малку – рече Светиот Отец и нагласи: Господ од нас бара малку, а ни дава многу. Бара од нас малку, бара од нас добра волја во секојдневниот живот; бара од нас отворено срце; бара од нас желба за да бидеме подобри за да можеме да го прифатиме Него кој ни се дарува Себе во Евхаристијата; ги бара од нас тие симболични дарови кои потоа ќе станат Неговото Тело и Крв. Сликата на таа спонтана молитва за принесените дарови е претставена со темјанот кој изгорува во огнот и дава мирисен чад кој се издигнува кон врвот; кадењето на даровите, крстот, олтарот, свештеникот и свештеничкиот народ, видливо ја покажува врската на даровите која ги обединува сите тие реалности со Христовата жртва.
Сето тоа исто така ја изразува молитвата над даровите – рече папата Фрањо и наглси: Во неа свештеникот бара Бог да ги прифати даровите кои му ги нуди Црквата, повикувајќи се на плодот на прекрасната размена помеѓу нашето сиромаштво и Неговите богатства. Во лебот и виното му го нудиме приносот на својот живот за Светиот Дух да го преобрази во Христовата жртва и да станеме со Него само еден духовен принос кој му е драг на Отецот. Додека така завршуваме со принесените дарови, се подготвуваме за евхаристиската молитва – рече Папата и заврши: Духовноста на дарување на себе, на која нè учи тој дел од светата Миса, нека ги просветли нашите денови, односите со другите, тоа што го работиме, страдањето со кое се среќаваме, нека ни помогне да го градиме овој свет во светлина на Евангелието.
По катехезата Светиот Отец ги поздрави посебно италијанските ходочасници, и на крајот младите ги поттикна постот да им биде помош за да можат да стекнат поголема власт над самите себе; болните ги повика да го прикажуваат своето трпење на Бог и да чувствуваат дека секогаш им е близу; на младенците им посака делата на милосрдието да можат да им помогнат да го живеат својот брачен живот секогаш насочен на потребите на другите.
РВ/к.мк