Генерална аудиенција: Посланието не е пасторален прирачник што треба да се применува, туку дело на Светиот Дух
На Генералната аудиенција, папата Фрањо го поздрави мноштвото луѓе во салата Павле VI, но не ја прочита катехезата; рече дека е многу подобар, но дека се изморува ако премногу зборува. Неговото размислување во среда 6 декември 2023 година го посвети на четвртиот столб на апостолската ревност, Светиот Дух, кој поттикнува креативност и едноставност во навестувањето на Евангелието.
Како што прави откако доби бронхитис во изминатите неколку дена, папата Фрањо му го довери читањето на катехезата на Генералната аудиенција, прва во Адвент, одржана во салата Павле VI, на монсињор Филипо Цимпанели, претставник на Државниот секретаријат, истакнувајќи: Сѐ уште се изморувам. Се чувствувам многу подобро, но се уморувам ако зборувам премногу.
Во катехезата Светиот Отец се задржа на дарот на Светиот Дух, кој треба да ја поттикне апостолската ревност. Така се заокружуваат низа карактеристики за навестување на Евангелието, а тоа се радост, универзалност и актуелност, но најмногу од сѐ – истакна Папата –треба да се случува во Светиот Дух.
Без Светиот Дух, залудна е секоја ревност
Папата Фрањо веднаш истакна дека треба да се отстрани секоја сенка на сомнеж и искушението да се фокусираме на себе: повикувајќи се на Апостолскиот поттик Evangelii gaudium, го нагласи првенството на Бога и Светиот Дух во секој вид на евангелизација. Човекот е само соработник.
Без Светиот Дух, секоја ревност е празна и лажно апостолска: таа би била само наша и нема да вроди со плод. […] Духот е главниот протогонист, Тој секогаш им претходи на мисионерите и дава да никнат плодови. Таквата свесност за нас е голема утеха! И ни помага да разјасниме уште нешто, исто така многу важно: дека Црквата во својот апостолски жар не се навестува самата себеси, туку благодатта, дарот, а токму Светиот Дух е Дар Божји, како што Исус ѝ вели на Самарјанката (сп. Иван 4,10).
Приматот на Светиот Дух не смее да доведе до мрзеливост
Меѓутоа, ова првенство на Светиот Дух не смее да нè наведе на мрзеливост. Довербата не ја оправдува негрижата – нагласи Папата. Имено, повикани сме на соработка, и тоа на свесен, возрасен, храбар, активен начин:
Виталноста на семето кое расте само од себе не им дава право на земјоделците да го запостават полето. […] Господ не ни остави теолошки скрипти или пасторален прирачник за примена, туку Светиот Дух го вдахновува посланието. Храбриот потфат што го влева Духот нè наведува да го имитираме неговиот стил, кој секогаш има две карактеристики: креативност и едноставност.
Не барајте засолниште во навиките
Папата често го користи зборот „креативност“. Го смета за вистински поттикнувач на Божјото делување. Денес нè потсетува на неговата важност токму во навестувањето на Евангелието. Забележува дека нашето време не ни помага да имаме религиозен поглед на животот и дека проповедањето на различни места стана потешко, понапорно и навидум бесплодно. Затоа, предупредува дека може да се појави искушението за откажување од пасторалната служба.
Можеби бараме засолниште во зони на сигурност, како што е вообичаеното повторување на работите што секогаш ги правиме, или во примамливите привлечности на интимистичката духовност или во погрешно сфатената смисла за централното место на литургијата. Тоа се искушенија кои се покажуваат како верност на традицијата, но често, наместо да одговорат на Духот, се реакции на лично незадоволство.
Креативност и едноставност
Пасторалната креативност, напротив, смелоста во Духот, неговиот мисонерски жар, е доказ за верноста кон него – забележува Папата и нè поттикнува да се вратиме на изворот, на првото навестување, дозволувајќи му на Светиот Дух да нѐ зафати. Покрај тоа, препорача да го повикуваме секој ден:
Тој ја оживува и подмладува Црквата; не треба да се плашиме од него, бидејќи Он, кој е хармонија, секогаш ги поврзува креативноста и едноставноста, поттикнува единство и испраќа во послание, отвора за различноста и повторно води назад кон единството. Тој е нашата сила, здивот на нашата проповед, извор на апостолската ревност.
Ватикан њуз/к.мк