На Генералната аудиенција во среда, папата Фрањо ги истакна суштинските елементи на начинот на пренесување на Радосната вест која не угнетува, туку лекува; по примерот на Учителот, сведочењето на христијаните треба да биде сведоштво за радост и светлина
Исус како Учител на навестувањето беше во центарот на катехезата на папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 25 јануари 2023 година, трета од серијата катехези посветени на занесот за евангелизација и апостолската ревност на верниците. Радоста, ослободувањето, светлината, исцелението и восхитот – според Папата – се елементите што го разликуваат Исусовиот начин на комуникација, кој исто така и ние треба да го следиме.
Навестување посведочено со радост
Светиот Отец го започна своето размислување од настанот опишан во Евангелието според Лука, во кое се зборува како Учителот проповеда во синагогата во Назарет, читајќи пасус од пророкот Исаија (61,1-2) коментирајќи го со една реченица: „Денес се исполни ова Свето Писмо …“. Во тоа навестување на Исус, Папата забележа пет суштински карактеристики, од кои првата е радоста, кога вели: „Духот Господов е врз мене; […] Ме испрати како благовесник кај сиромашните“.
Радоснонавестување. Не може да се зборува за Исус без радост, бидејќи верата е прекрасна приказна за љубов која треба да се сподели со другите. Сведочењето на Исус, правењето нешто за другите во негово име, меѓу редовите на животот значи дека сме добиле толку убав подарок што ниеден збор не е доволен за да го искаже.
Ако недостига радост, евангелието не поминува – истакна Папата – навестувањето не воодушевува ако не е радосно навестено.
Убавината на целта
Друг аспект е ослободувањето. Исус вели за себе дека бил испратен да „проповеда слобода на заробениците“. Тоа значи дека оној што го навестува Бог не може да врши прозелитизам, не може да врши притисок врз другите, туку ги растеретува: не наметнува товар, туку го ослободува од нив; донесува мир, а не чувство на вина.
Секако, да се наследува Исус вклучува аскеза, жртва. Но, ако сè што е убаво тоа го бара, колку тоа повеќе се однесува на одлучувачката реалност на животот! Сепак, секој оној што сведочи за Христос повеќе ја покажува убавината на целта отколку заморот од одењето. Сигурно ни се случило да кажеме некому за убавото патување на кое сме биле: сме зборувале, на пример, за убавината на местото, за она што го видовме и доживеавме, а не за тоа колку време ни требаше да стигнеме таму и за редиците на аеродромот! Така, секое навестување е достојно за Откупителот мора да донесе ослободување.
Љубовта на Отецот го осветлува нашиот живот
Светлината е третиот елемент; физичката светлина што Исус ја дава преку исцелувањето на слепите, но и светлината која помага да се погледне на животот на нов начин. И за нас христијанскиот живот започна со „излегување на светлина“, а папата Фрањо не потсети дека крштевањето во првите времиња се нарекувало „просветлување“.
Каква светлина ни дава Исус? Тој ни ја носи светлината на синството: Тој е возљубениот Син на Отецот, засекогаш жив; заедно со него сме Божји деца вечно сакани и покрај нашите грешки и недостатоци. Така, животот веќе не е слеп напредок кон ништожноста, не е прашање на судбина или среќа, не е нешто што зависи од случајноста или ѕвездите, па дури и од здравјето и финансиите, не. Животот зависи од љубовта, од љубовта на Отецот кој се грижи за нас, за неговите сакани деца.
Исус го озддравува нашето срце
Четвртиот аспект на навестувањето е оздравувањето. Исус вели дека дојде „да ги ослободи заробениците“, а Папата објасни дека често болестите, напорите и грешките се она што не заробува, но она што најмногу нè заробува е злото, гревот. Меѓутоа – забележа Папата. Исус секогаш бесплатно нè лекува од гревот, постојано нè повикува да дојдеме кај него.
Затоа, да се следи некого за да се сретне со Исус значи да се однесе кај лекар за срце, кој враќа во живот. Тоа значи да кажеш: „Брате, сестро, немам одговори на толку многу твои проблеми, но Исус те знае и те сака, може да те излечи и да ти го смири срцето“. Оној кој носи товари има потреба од нежност за минатото. Многупати слушаме: „Но, треба да го излечам своето минато… Ми треба нежност за тоа минато што толку многу ми тежи… Потребно е простување“. Кој верува во Исус токму тоа може да го даде на другите: силата на простување која ја ослободува душата од сите долгови.
Бог заборава на се – додаде Папата – простува се. Доволно е да се потсетиме на еден настан од Евангелието во кој се гледа љубовта на Отецот.
Исус чека да ни прости, да не оздрави. Колку? Еднаш? Два пати? Не. Секогаш. „Но, оче, јас секогаш ги правам истите работи…“ И Тој секогаш ќе ги прави своите работи! Ќе ти прости, ќе те прегрне. Ве молам, немој да не се надевате на тоа. Така сака Господ. Кој носи товари има потреба од нежност поради минатото, Исус го прави тоа. Тоа е она што Исус го дава: ја ослободува душата од сите долгови.
Благодатта нè восхитува и секогаш нè изненадува
Навестувањето на благодатта која ја донесува Господ, која го обновува животот и која нè восхитува, е последната карактеристика што нè учи Исус. Папата Фрањо истакна дека навестувањето на Евангелието секогаш треба да води до такво восхитување.
„Не можам да поверувам! Простено ми е!“ Но нашиот Бог е толку голем. Затоа што ние не правиме големи работи, туку Господовата милост е таа што, исто така, преку нас, прави непредвидливи работи. Тоа се Божјите изненадувања. Бог е Учител на изненадувања. Секогаш не изненадува, секогаш не чека. Ние доаѓаме, а Тој чека. Секогаш. Евангелието е пропратено со чувство на восхит и новост кое има име: Исус.
Навестување упатено до сиромашните
Папата ја заврши катехезата со напомена дека радосната вест е упатена до сиромашните, бидејќи тие се Божји миленици. Да се сетиме на нив и да имаме на ум дека секој од нас, за да го прими Господ, мора да биде сиромашен, односно да ја надмине секоја желба за самодоволност и секогаш да чувствува дека Тој ни е потребен.
Ако некој ми рече: „Оче, кој е најкраткиот пат да се сретнеш со Исус?“ Направи да имаш потреба. Направи да имаш потреба од благодат, простување, радост. И Тој ќе се приближи до тебе.
Ватикан њуз/к.мк