Генерална аудиенција во среда: Великиот пост е погодно време за преобраќање

На Генералната аудиенција воп среда 5 март 2014 на плоштадот Свети Петар во катехезата Папата говореше за Великиот пост (Коризма) која започнува денеска со Пепелница.Тоа е четириесетдневно одење кое ќе нè доведе до пасхалната Тродневница, сеќавањето на маката, смртта и воскресението на Исус Христос, централно таинство на нашето спасение – истакна Светиот Отец додавајќи:

Великиот пост нè подготвува за тој многу важен момент и затоа е „силно време“, пресврт кој може во секој од нас да поттикне промена, преобраќање: сите имаме потреба да бидеме подобри… да се подобриме, а во тоа ни помага Великиот пост. Така се ослободуваме од уморните навики и постепеното привикнување на злото кои ни се заканува. Црквата во времето на Великиот пост ни упатува два важни повици: да станеме посвесни за Христовото откупителско дело и вистински да го живееме своето крштение – рече Светиот Отец.

Папата истакна дека „свеста за чудата кои Господ ги направи во нас поради нашето спасение го подготвува нашиот ум и срце да благодариме на Бога за сето она што ни го дал, за сето она што го прави за својот народ и целото човештво“. Оттаму поаѓа нашето преобраќање: тоа е благодарствен одговор на прекрасното таинство на Божјата љубов. Кога ја набљудуваме Божјата љубов кон нас, чувствуваме желба да Му се приближиме, а тоа е вистинско преобраќање – рече папата Фрањо.

Вториот пак повик е – продолжи Светиот Отец – на вистинско живеење на сопственото крштение, Црквата нè повикува да не се навикнуваме на изопаченоста и бедата кои ги среќаваме одејќи по улиците на градовите и земјата. Постои опасност пасивно да прифатиме извесни однесувања и да не се вознемируваме пред жалосните случувања кои нè опкружуваат. Се навикнуваме на насилство, како да мора да се случува; рамнодушно гледаме на браќата и сестрите кои спијат на улиците, кои немаат кров над главата. Се навикнуваме на беглаците кои бараат достоинство, кои не се прифаќаат како би требало. Се навикнуваме да живееме во општество кои не го сака Бога, во кое родителите не ги учат децата да се молат и да се крстат – рече Светиот Отец и продолжи спонтано да говори:

Ве прашувам: Дали знаат вашите деца да се прекрстат? Размислете. Дали знаат вашите внуци да се прекрстат? Дали ги научивте на тоа? Размислете и во своето срце одговорете. Дали знаат ли да го молат ’Оче наш’, ’Радувај се Маријо’? Размислете и одговорете. Навикнувањето на нехристијанско и лагодно однесување го умртвува срцето – заклучи Папата.

Осврнувајќи се на Великиот пост, рече дека ни доаѓа како време на провидение да ја промениме насоката, да ја обновиме способноста на реагирање пред злото кое секогаш нè предизвикува. Великиот пост треба да се живее како време за преобраќање, на лична и заедничка обнова по патот на приближувањето до Бога и посветеното придржување на Евангелието. Великиот пост ни овозможува со нови очи да ги гледаме браќата и нивните потреби – рече папата Фрањо.

Затоа Великиот пост е – како што рече – погодно време за преобраќање на љубовта кон ближниот; љубов која ќе сведочи за бесплатноста и милосрдието Господово Кој стана сиромашен нас да нè обогати со своето сиромаштво (спор. Кор 8,9). Размислувајќи за централното таинство на верата, за Христовата мака, крстот и воскресението, ќе сфатиме дека Бог ни го даде бесплатно неизмерниот дар на воскресението – истакна Светиот Отец.

Папата ја заврши катехезата повикувајќи да му благодариме на Бога за таинството на Неговата распната љубов. Вистинска вера, преобраќање и отворање на срцето кон браќата се важни делови на живеењето на времето во Великиот пост. На овој пат, со посебна доверба сакаме да ја повикаме на помош и заштита Дева Марија, таа, која прва поверува во Христос, да нè прати во деновите на жарка молитва и покора, како би можеле, очистени и обновени во духот, да го славиме големото таинство на Пасхата на нејзиниот Син – заврши Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот