Продолжувајќи ја серијата катехези за молитвата, папата Фрањо на Генералната аудиенција на 10 јуни 2020 година зборуваше за патријархот Јаков, кој цела ноќ се борел со Бог, но од таа борба излегува променет. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден. Продолжуваме со нашата катехеза на тема за молитвата. Во Книгата Битие, низ настани од животите на мажи и жени од дамнешни времиња, прераскажани се настани во кои можеме да пронајдеме одраз на нашиот сопствен живот. Во циклусот со патријарсите го пронаоѓаме човекот кој лукавството го направи свое најсилно оружје; станува збор за Јаков. Библискиот извештај ни зборува за тешкиот однос кој Јаков го имал со својот брат Исав. Од најрани времиња меѓу нив владеело ривалство, а тоа и покасно нема никогаш да се надмине. Јаков е второроден син – биле близнаци – но се лага успева да го добие од својот татко Исак благословат и дарот на првородството (сп. 1 Мојсеева 25, 19-34) Тоа е само прво од долгата низа лукавства за кои се покажал способен овој бескрупулозен човек. Дури и името “Јаков“ значи човек кој се поврзува со лукавство.
Откако бил принуден да побегне далеку од братот започнува сè да му врви добро во животот. Вешт е во работите. Многу се збогатил и станал сопственик на големо стадо. Со упорност и трпение успева за жена да ја земе најубавата ќерка на Лаван во која бил вистински вљубен. Јаков – би кажеле со современ речник – е човек кој „сè што има создадено со сопствените раце“ го направил со снаодливост, лукавост и успева да освои сè што ќе посака. Но нешто му недостасувало. Му недостасувал живиот однос со сопствените корени.
И еден ден слушнал повик од својот дом, својата древна татковина, каде уште живеел Исав, брат со кој отсекогаш бил во многу лоши односи. Јаков се упатува на пат и презема долго патување со голем караван луѓе и животни сè додека не пристигнал до последната етапа, кај потокот Јавок. Тука книгата Битие ни нуди незаборавен текст (сп. 32,23-33). Зборува како патријархот, откако поминал преку потокот со своите луѓе и стока – а ги имал многу – останува сам на брегот кој му бил туѓ. И размислува: Што ли ме чека утре? Каков став ќе заземе неговиот брат Исав, на кој му го украде првородството? Во главата на Јаков е вистинска збрка од мисли… И додека паѓала ноќта ненадејно некој непознат човек го зграпчил и започнал со него да се бори Во Катехизмот се објаснува: Духовната традиција на Црквата во тој извештај гледа симбол на молитвата како борба на верата и победа во истрајноста (ККЦ 2573).
Јаков се борел цела ноќ, не пуштајќи го ниту за момент својот непријател. На крајот е победен: противникот му задава удар во бедрото и од тогаш за цели живот е осакатен. Тој таинствен човек со кој се борел го прашува патријархот како се вика и му вели: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш“ (р.29). Со тоа како да сака да каже: Никогаш нема да бидеш човек кој одеше како досега, туку правилно. Му го менува името, му го менува животот, ги менува неговите ставови; името твое е Израел. Тогаш и Јаков го прашува соговорникот: Кажи ми го името Твое! Овој не му го открива, туку наместо тоа го благословува. И Јаков сфаќа дека го сретнал Бог „лице во лице“ (сп. 32,30-31).
Борбата со Бог е метафора за молитвата. Во други прилики Јаков се покажал способен да разговара со Бог, да го доживува како пријателска и блиска присутност. Но од таа ноќ, преку борбата која траела долго и во која скоро подлегна, патријархот излегува променет. Промена на името, промена на начинот на живот и промена на карактерот: излегува променет. Одеднаш повеќе не е господар на ситуацијата – неговото лукавство повеќе не му користи – повеќе не е стратег и пресметлив човек. Бог го враќа во неговата вистина дека е смртник кој трепери и кој чувствува страв, затоа што Јаков се плашел во борбата.
Одеднаш Јаков нема што да му прикаже на Бог, осен својата кревкост и немоќ, па и своите гревови. И тој Јаков го прими Божјиот благослов кој со куцање влегува во ветената земја; ранлив и ранет, но со ново срце. Еднаш слушнав некој старец – бил добар човек, добар христијанин, но грешник, кој имал голема вера во Бог – како зборува: Бог ќе ми помогне, нема да ме остави сам. Ќе влезам во небо, куцајќи, но ќе влезам. Јаков претходно бил човек кој е сигурен во себе, се потпирал на својата лукавост. Бил човек кој не можел да прими „милост“, бил отпорен на милосрдие, не знаел што е милосрдие. „Јас сум тука бог и точка“. Не мислел дека има потреба од милосрдие. Но Бог го спасил она што било загубено. Му дадел до знаење дека е ограничен, дека е грешник и има потреба од милосрдие и го спасил.
Сите ние имаме еден состанок во ноќта со Бог, во ноќта на нашиот живот, во многу ноќи од нашиот живот: моменти на темнина, моменти на грев, моменти на изгубеност. Тука секогаш доаѓа до средба со Бог. Тој ќе те изненади во часот кога тоа не го очекуваме, кога навистина ќе останеме сами. Во таа иста ноќ, борејќи се против непознат човек, ќе станеме свесни дека сме само сиромашни луѓе – си дозволувам да кажам бедници – но токму тогаш, во моментот во кој се чувствуваме “бедни“ не смееме да се плашиме, затоа што во тој момент Бог ќе ни даде ново име, во кое е содржана смислата на целиот наш живот, ќе ги промени нашите срца и ќе ни даде благослов зачуван за оние кои ќе му дозволат да ги промени. Тоа е убав повик, да му дозволиме на Бог да нè промени. Тој знае како тоа да го направи, затоа што го познава секој од нас. Господи ти ме познаваш, може да каже секој од нас. Господи, Ти ме познаваш, промени ме!
Ватикан њуз/к.мк