Во црквата „Свети Иван Крстител“ – Струмица одржана катехеза за свештеничкото ракополагање

Во рамките на Година на семејството во парохијата Свети Иван Крстител Струмица на 28 јуни 2014 година се одржа петтата по ред катехеза, која се однесуваше на светата Тајна свештенство.

На самиот почеток од катехезата о. Гоце Костов се осврна на претходните катехези и направи краток осврт за нив, а потоа говореше за Старозаветното свештенство, библиската втемеленост на свештеничката служба, како и за повикот на апостолите. Во катехезата исто така е истакнато дека целата Црква е свештенички народ. Со крштението сите верници земаат учество во Христово свештенство. Тоа учество се нарекува „царско свештенство“ Врз ова основа и во служба на него постои и друго учество во посланието Христово, министријално свештенство, кое се добива со светата Тајна свештеничко ракополагање. Негова задача е служејќи му на народот да го поучува, да го слави Бог и пасторално да управува.

Во понатамошниот дел од катехезата беа нагласени трите степени на ракополагањето: епископски, презвитерски (свештенички) и ѓаконски, без кои не може да постои Црквата. Во овој дел осебно беше нагласена важноста за духовни повици и улогата на парохиската заедница. При крајот на катехезата стана збор за обредот на ракополагањето и симболиката содржана во него.

По завршувањето со излагањето следуваа бројни прашања поврзани со свештеничката служба, духовните повици и други прашања поврзани со катехезата.

К.мк

Категорија: Македонија

За авторот