Во недела 10 февруари 2019 година епископот Стојанов служеше света архиерејска Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, по повод Светскиот ден на болни и празникот на Лурдска Богородица. На светата Литургија сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија и од Скопската бискупија.
Во својата проповед епископот Стојанов, обраќајки се на болните истакна: Драги болни, највредните Христови делови од телото сте токму вие. Да се присетиме дека Исус не нѐ поведе во спасение со говор, а ниту со наука, туку со страдание и смрт. Да допуштиме во нашето битие и телесно и духовно Бог да посее семе на страданија и тоа во нас да зрее за спасение на светот. Светот не живее од богатите, ниту од моќните, светот не се спасува според убавите зборови, туку според твоите и моите рани. Дословно нема да најдеме ниту еден светец или светица што не поминале низ страдание. Лурдската визионерка света Бернадета ги слушнала зборовите од Пресвета Богородица: Нема да те направам среќна на овој, туку на другиот свет. И визионерите во Фатима ја имале истата порака дека само жртва и страдание го спасува светот. Сѐ додека сме Црква ќе изобилуваме со маки и страданија, а до кога ќе бидеме Црква ќе зависи од тоа колку ја прифаќаме. Чудо е можно, но тоа го молиме, и тоа чудо го бараме што ќе ни донесе сила своите страданија да знаеме да ги прикажеме за спасение на оние кои ги сакаме. Ако такви немаме, што не верувам, тогаш сме најнесреќни луѓе на светот.
Свеченоста заврши со молитва за болните и процесија околу црквата со статуата на Пресвета Богородица Лурдска. На оваа свеченост претходеше тродневница, која ја предводеше дон Паво Шекерија, парох во Битола и директор на Македонски Каритас.
к.мк