Во Струмица прославен Денот на болните

По повод Светскиот ден на болните, во недела 8 февруари 2015 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица  служеше света Литургија во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат и Скопската бискупија.

Во својата проповед, говорејќи за болните епископот Стојанов истакна: „На посебен начин Исус е Спасител на вас болните и страдалниците, бидејќи со своето овоплотување, а пред сè страданието и смртта ве направи сите вас наследници на својата благодат. Од тие страдања не ја поштеди ни Безгрешна Дева Марија, зашто и нејзиното срце беше прободено од мечот на болката.“

Владиката Стојанов ги повика присутните верници да го пренесат неговиот благослов и поздрав на сите нивни возрасни, болни и немоќни лица, кои заради својата состојба не беа во можност да присуствуваат на оваа свата Литургија. Исто така тој се заблагодари за грижата, негата и љубовта кон болните лица, посебно на здравствените и социјалните работници, како и оние кои во своите домови имаат болни.

Пред крајот на светата архиерејска Литургија следуваше процесија со статуата на Пресвета Богородица околу Црквата, а заврши со благослов и молитва за болните.

Светскиот ден на болни се обележува секоја година на 11 февруари. Во Македонија одбележувањето на денот на болните се префрла во недела. Востановен е од папата Иван Павле II во 1992 година со цел да се поттикнат сите луѓе да размислуваат за своите можности при грижата и негата на болните. Намерата е истовремено и да се упати благодарност и за сите кои се грижат за болните – здравствени, социјални, верски и многу други соработници и волонтери.

к.мк/го*ко

Категорија: Македонија

За авторот