Во Скопје се одржува Третата светска конференција за меѓурелиски дијалог
Скопје, 10.5.2013 /к.мк/ – Од 10 до 11 мај 2013 година во Скопје ќе се одржи Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, на која ќе учествуваат околу 110 странски и 150 домашни гости.
Конференцијата ќе ја отвори премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска. На конференцијата ќе се разговара за „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“, а паралелно со темата на конференцијата ќе бидат одбележани три јубилеи: 1700 години од Миланскиот едикт – добивање слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир, инициран од покојниот претседател Борис Трајковски во 2003 година.
По официјалното отворање ќе се обратат и претставниците на верските заедници во Македонија: Католичка црква, Македонска православна црква, Евангелско-методистичка црква и Еврејската заедница во Република Македонија. Првиот ден од конференцијата ќе заврши со прием за учесниците што ќе го приреди претседателот на Владата Никола Груевски.
Во програмата за сабота, 11 мај се предвидени панел – дискусии, на кои ќе се говори на темите: „Плуралистичките општества и религиската толеранција“, „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Придонесот на медиумите за меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог“. Во рамки на конференцијата во сабота 11 мај ќе се одржи и Форум за млади, на кој ќе се говори на тема: „Улогата на религиите во градењето толерантна младина“.
Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите започна да се организира во 2007 година и се одржува на секои три години. Првата конференција се одржа во Охрид на тема „Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот“. Вторта конференција исто така се одржа во Охрид во 2010 годинана на тема „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“.