Во понедeлник 5 септември 2022 година, кога Црквата го чествува литургискиот споменден на Света Мајка Тереза во родната парохија на светицата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се служеше света Литургија, која ја предводеше Н.В.П. монсињор Роко Гласновиќ, Дубровнички бискуп, во заедништво со месниот бискуп Н.В.П. монсињор Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх и Н.В.П. монсињор Петар Палиќ бискуп Мостарско – дувањски и Апостолски администратор требињско – мркански. На Литургијата сослужуваа свештеници од Скопската бискупија и Струмичко – скопската епархија.
Покрај верниот народ на светата Литургија присуствуваа монашките заедници присутни во Македонија, Сестрите Мисонерки на љубовта (Сестри на Мајка Тереза), Сестрите Евхаристинки, Сестрите Усмиленки, директорот на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија, м-р Даријан Сотировски и бројни претставници од општествениот и културниот живот.
На почетокот од литургиското славење бискупот Стојанов ги поздрави присутните при што рече. Драги браќа и сестри, Деновите на Света Мајка Тереза станаа традиција.Од неколкуте настани овие денови во Скопје и овој настан и оваа евхаристија се од псоебна важност. Се поставува прашањето: Зошто? Затоа што се случува во нејзиниот роден град Скопје, што неминовно нѐ потсетува на корените од кои што израсна Мајка Тереза. Никогаш не смееме да зборавиме дека таа е родена тука, е крстена тука и дека темелите на нејзиното христијанско искуство ги стекнала, тука во Скопје, Македонија.
Пригодна проповед одржа бискупот Роко Гласновиќ, која ја започна со зборовите од Евангелието кога Исус прашува: Што излеговте да видите? Парафраризирајќи ги Исусовите зборови бискупот Гласновиќ праша: Што излеговите вие денес да видите, да слушнете, да доживеете? Алудирајќи на можните одговори кои можат да бидат: пријатели, свештеници, бискупи, Мајка Тереза, бискупот Гласновиќ истакна дека сепак Бог е повеќе од сето тоа. Дојдовме до Исус кој е тука за да нѐ поучи, ги шири рацете за да не прегрне, да не ослободи од силата на сатаната, да нѐ оживее, Тој е Спасител, ќе нѐ спаси – рече бискупот Гласновиќ.
Во продолжение Дубровничкиот бискуп истакна дека со посебно чувство на балгодарност денес го славиме празникот Света Мајка Тереза, тука во нејзиното родно Скопје, при што истакна дека луѓе од сите вери и сталежи ја препознаа нејзината несебична љубов кон сиромашните. Понатаму бискупот Гласновиќ се осврна на животниот пат на Мајка Тереза, а не испушти да истакне дека и неговиот свештенички пат е поврзан токму со светицата од Скопје. Својата проповед бискупот ја заврши со една молитва од Мајка Тереза.
За време на светата Литургија беше воведен во служба новиот диркетор на Македонски Каритас, отец протојереј ставрофор д-р Зоран И. Стојанов. Свеченоста заврши со процесија околу Црквата, а за време на Литургијата пееше катедралниот хор предводен од Јулија Неловска. Настанот беше директно пренесуван на Радио Марија.
к.мк