Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов на 29 октомври на градските гробишта Бутел во Скопје го предводеше погребниот обред на покојниот свештеник на Скопска бискупија, монс. Антун Циримотиќ, кој почина на 28 октомври 2020 година, во 83 година од животот. На погребот присуствуваше и приштинскиот бискуп монс. Дода Џерџи, свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопска епархија, чесни сестри, верници и роднини на покојниот.
Истиот ден во вечерните часови во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје бискупот Киро Стојанов служеше задушна света Литургија. Со почитување на мерките за заштита од коронавирусот, присуствуваа и свештеници од Македонската православна црква – ОА, како и деканот на Богословскиот факултет во Скопје, професор Ѓоко Ѓорѓевски.
Во пригодната проповед бискупот Стојанов цитирајќи го апостол Павле рече: „Исус Христос е сѐ и во сите“. Секој свештенички повик е роден директно од срцето на Исус Христос, кој избира слаби луѓе со несфатлива слобода и ги прави делители, не само според неговата природа, туку и во неговата служба во светот и за светот. Засекогаш ќе остане длабока тајна во нашите срца нашиот покојник и во чие срце одекна Исусовиот повик во родното му Јањево: „Антуне, дојди и следи ме!
„Во седумдесеттите години од минатиот век доаѓа во Скопје како личен секретар на нашиот бискуп Хербут и од тогаш вршеше многу важни служби за целата бискупија, доживувајќи подеми и падови, поднесувајќи ги сите тешкотии и напори кои ги бараа новите предизвици во ова наша земја“.
„Денес се простивме од нашиот брат свештеникот Анте, но засекогаш ќе остане вистински сведок кој несебично служеше како свештеник 55. години на Црквата Христова, конкретно во Скопската бискупија. За себе не стекна никакво материјално богатство, а сѐ што имаше делеше како света мајка Тереза со сиромашните и на многумина им донесе ‘мир’ во нивните домови. Целиот живот може да се искаже во единствена порака со зборови и дела: Дојде Царството Божјо, влези во домот на својот Господар.“
„Драги монсињоре, она што вие го би направивте јас ќе се потрудам барем приближно да го направам денес во ваше име. Во суштина сакам да искажам благодарност кон дон Давор Топиќ и останатите свештеници кои во овие последни месеци и години ја делеа со вас радоста, но и болките. Благодарам на сестрите Евхаристинки, с. Роберта и с. Наталија кои по примерот на Марта и Марија несебично служеа и ви беа блиски како би ви ги ублажиле болките од оваа подмолна болест. Драгиот Бог нека ви биде утеха и радост и нека ве прими во своето Царство. Почивај во мир, драги монсињоре Антуне“ – рече на крајот од својата проповед бискупот Стојанов.
После попричесната молитва дон Давор Топиќ го прочита писмото со сочувство на митрополитот врхбосански, надбискупот кардинал Пуљиќ, а потоа бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов го прочита писмото со сочувство од Апостолскиот нунциј монс. Гвидо Анселмо Пекорари, како и писматаМо на бискупот мостарско – дувански и Апостолски управител на требинско – мркански монс. Петар Палиќ, претседателот на Бискупската конференција на Бугарија монс. Христо Пројков, бискупот во мирување монс. Миле Боговиќ и монс. Иван Милован со свештениците и верниците, генералната поглаварка на сестрите Евхаристинки Јоана Тончева, директорот на Хрватскиот Каритас монс. Фабијан Свалина и директорот на Каритас на БиХ монс. Томе Кнежевиж.
По повод смртта на монс. Антун Циримотиќ пристигнаа писма со сочувства од бројни организации и личности од Македонија и странство, меѓу кои и од Радио Марија Македонија.
к.мк