Во Скопската катедрала свечено затворена Година на верата

 Во неделата на 24 ноември во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово со свечена понтификална света Миса беше одбележан празникот Христос Цар на сето создание. Светата Миса ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија во концелебрација со монсињор Антун Циримотиќ и дон Давор Топиќ. Бискупот Стојанов на овој значаен празник ја затвори Годината на верата во Скопската бискупија. Тој во својата беседа меѓу другото истакна:

„Браќа и сестри, кога размислуваме за Таинството на Откупувањето трајно пред себе имаме слика на човекот онаков каков што го создаде Бог. Круна на создавањето е човекот. Исто така смееме да тврдиме дека целта на создавањето е човекот, кој според достоинството е живо прославување Божјо на земјата. На Бога сличен, од Бога повикан, Божји пријател, наследник на Божествената природа, но слободен. Го создаде нешто помал од Ангелите и го обдари со чест и достоинство. Изборот дека тој, на Бога сличен човек, може во целост да живее без Бога, го фрли во состојба на темнина и лаги. Го заведе и го измами отецот на лагата – ѓаволот. Никогаш до крај не можеме да ја сфатиме трагедијата на источниот грев кој од оваа земја направи долина на солзите, а од човекот промашено суштество. Тоа не е Божји план, тоа не е Божјо дело, но, нашата генерација повеќе од било која во историјата носи длабоко искуство во себе, што значи, човечкиот живот ако се живее како да го нема Бога. Колку разочарувања, колку измами, колку несигурности, колку немири и тешкотии, колку осамености и страдања, за кои јасно и исклучиво е одговорен човекот. Не е земјата лоша, не е природата лоша, единствен неред и на земјата и во природата прави човекот. Оваа сознание и оваа искуство од нас извлекува едно драматично прашање: Каде оди овој свет? Каде води оваа економија? До каде може да достигне обесчестеноста на човекот? Што може уште повеќе да не затруе од затруената атмосфера на релативизираната вистина и загадената природа? Имаме ли чист воздух што го дишеме, имаме ли морални вредности кои ги живееме, имаме ли здрава храна со која се храниме, имаме ли работно место на кое чесно го заработуваме својот леб? Се прашуваме Господе, каде оди овој свет?“

Потоа, осврнувајќи се кон затворањето на Годината на верата бискупот Стојанов истакна дека верата што ја исповедаме има вредност само тогаш кога ќе ја прифатиме како Божји милосен дар, кога вистински се живее и кога се навестува.

Да потсетиме дека Годината на верата ја иницираше и ја отвори папата Бенедикт XVI на 11 октомври 2012, денот кога беа одбележани 50 години од отворањето на Вториот Ватикански Концил и 20 години од објавувањето на Катехизмот на Католичката Црква. Во овој период во секоја парохија се одржуваа активности и предавања со кои верниците се поттикнуваа на повторно откривање на својата вера и подлабоко размислување за неа.

Инаку, со празникот Христос Цар на сето создание завршува оваа литургиска година и започнува периодот на адвент односно подготовката и исчекувањето на Христовото раѓање.

Е.Абјаниќ

Категорија: Македонија

За авторот